Ципрас одново побара Јункер и Шулц да ја продолжат програмата за Грција

Во сенка на неизвесноста и на големата народна загриженост за иднината на државата, грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска разговараше со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и со претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц.

Ципрас упати директна критика до Јункер, забележувајќи дека спречувањето на правото на демократско изразување на грчкиот народ преку затворањето на банките и ограничувањето на банкарските трансакции ги гази демократските принцици на ЕУ и побара од него да ги заштати европските традиции за народот да може в недела непречено да донесе одлука.

Грчкиот премиер одново побара од Јункер продолжување на финансиската програма за Грција за неколку дена, односно додека помине референдумот за да се стави крај на вознемиреноста која е создадена изминатите неколку дена и креира огромно повлекување средства од грчките банки. Истото барање го слушна и првиот европарламентарец Шулц, кој му вети на Ципрас дека ќе свика итен состанок на претседателите на парламентарните групи за да се разгледа предлогот и целосната ситуација и да се преземат соодветни инцијативи.

За разлика од телефонските разговори на Ципрас, министерот Никос Коѕиас директно за ситуацијата и за грчката одлука за референдум ги извести на тет-а-тет средби сите амбасадори на државите членки на ЕУ во Атина, како и американскиот и израелскиот амбасадор. По средбите, Коѕиас забележа дека Грција не сака да замине од еврозоната, но ниту, пак, сака да се покори и да го напушти своите позиции.

Според него, на дилемата потчинување или „Грексит“ (Grexit), Грција одбира да се бори за поголема демократија во ЕУ и во Грција.

Додека секој од политичарите ги турка своите агенди и ставови, кај граѓаните се зголемува вознемиреноста од тоа што ќе се случува утре, денот кога Грција треба да исплати дел од долгот кон ММФ, но и следниот понеделник, ден по референдумот.

Народот сè уште нетрпеливо стои пред банкоматите за да го подигне својот дневен лимит од 60 евра, прашувајќи се кој ќе им објасни што точно ќе се случува по референдумот и во двата случаи, и во ситуацијата кога ќе преовлада „да“ и во ситуацијата кога мнозинството би одговорило со „не“. Дополнителна паника кај народот создаваат информациите дека е неизвесно дали банките ќе може да отворат идниот вторник.

Според шпекулациите и оцените во Грција, банките ќе може да отворат само ако ЕУ продолжи да ја финансира Грција или, пак, ако Грција ја врати својата валута и премине од евро во драхма.

Ставовите се поделени, што се гледа значително и на социјалните мрежи, каде течат бројни повици и подготовки за протести и за контрапротести за поддршка или критика на владината политика.

Дел од граѓаните кои се загрижени за тоа што ќе се случува идниот понеделник, велат дека целата ситуација е пекол за нив.

– Не можеме да поверуваме во ова што ни се случува, не можеме да замислиме да не сме веќе дел од ЕУ. Подобро, можеби, уште малку економски тешкотии отколку да се најдеме во ситуација нашите деца одново да мора да чекаат за визи за влез во ЕУ и да ја немаат оваа слобода што ја имаме како членка на Унијата – вели еден средовечен граѓанин.

Во најнеизвесна ситуација во моментов се пензионерите, кои немаат дебитни или кредитни картички и чекаат посебна мерка за да може од банките само со штедните книшки да ги извадат пензиите. Голема вознемиреност се забележува и на бензинските пумпи и во продавниците, кои полека почнуваат да се празнат бидејќи граѓаните купуваат основни работи и ги складираат дома. Постои поголема загриженост дека трговците полека ќе почнат да одбиваат да прифаќаат плаќање со картички, иако, според правилата, додека се затворени банките, плаќањето со картички и банкарските интернет-трансакции треба и мора да се одвиваат нормално.