Ципрас ја подготвува реконструкцијата на Владата

Грчкиот премиер Алексис Ципрас се очекува во текот на денот да го најави новиот состав на владата. Ципрас по шест месеци на власт, се одлучи за реконструкција и за промена на владиниот кабинет поради поделеноста и во парламентарната група и меѓу неговите министри околу новиот пакет мерки договорени со европските кредитори.

Одлуката дојде откако неколкумина министри гласаа против пакетот мерки, меѓу кои министерот за енергија, Панајотис Лафазанис, кој важеше за близок соработник на Ципрас и за еден од клучните функционери во СИРИЗА.

Намерата за промена на владиниот состав Ципрас ја најави вчера доцна вечерта, во разговор со соработници и со функционери на партијата. Според извори од владиниот кабинет, грчкиот премиер истакнал дека 32 пратеници што гласале против мерките веќе не ги смета за дел од парламентарната група на СИРИЗА.

Ципрас оценил дека одлуката да се гласа против мерките е одлука да се заврти грб на првата левичарска влада, бидејќи на последниот состанок на параламентарната група мнозинството од пратениците забележале дека се согласуваат дека европските закани и опасности се реални.

Според него, фактот што и покрај оваа согласност се гласало против мерките е одлука на групата пратеници да не ја споделат сите заедно одговорноста за спас на државата со другите 110 пратеници на СИРИЗА и одлука која не е во согласност со потребата за солидарност во овие критични моменти.

– Обврзан сум да продолжам сè додека не се изгласа и заокружи договорот, со влада која ја поддржува малцинско пратеничко мнозинство од вкупно 300 пратеници – истакнал Ципрас.

Останува да се види колку ќе биде драстична реконструкцијата. Доколку се работи само за замена на министрите што гласаа против и на тие што заминаа од владата, како алтернативната министерка за финансии Надиа Валавани, која си даде оставка, и заменик-министерот за надворешни Никос Хундис, кој од министерството оди во Европарламентот на местото на европратеникот Манолис Глезос, тогаш се претпоставува дека ова ќе биде привремен состав и решение за околу три месеци, додека завршат преговорите со европските кредитори, а потоа би се одело на избори.

Доколку, пак, има подрастична реконструкција и повеќе суштински промени отколку само пополнување на местата, оцените се дека Ципрас на тој начин ќе сака да креира многу посилна левичарска влада, со која би можел да продолжи и да има поддршка од парламентот за спроведување на мерките без да мора да оди на избори наесен.