Целосен грчки предлог, утре?

Грција, според неофицијални информации, денеска не поднела нови предлози до кредиторите. Грчките медиуми се повикуваат на владини извори и пренесуваат дека на преговарачката маса на Еврогрупата, Грција ги поднела предлозите на премиерот Алексис Ципрас од минатата недела, кои во тој момент воопшто не беа разгледани бидејќи министрите за финансии се изјаснија дека ќе чекаат исход од референдумот пред да се изјаснат за нив.

Владиниот извор изјавил дека ќе ги очекуваат коментарите од европска страна во текот на денот.

Според првите информации, денешниот ден грчкиот тим го користи за да се испита расположението, барањата и очекувањата на кредиторите, да се види што точно може да биде прифатено за до утре да го финишира, подготви и да го поднесе целосниот предлог и идеи кои полесно би можеле да поминат кај европските министри.

Премиерот Ципрас се очекува да има средби со канцеларката Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд пред вечерашниот состанок на Самитот на ЕУ, а во текот на денот веќе разговарал и со првиот човек на Советот на ЕУ, Доналд Туск.

Грција нема веќе простор за чекање бидејќи ликвидноста на нејзините банки е под сериозна закана.

М.П.