Тргна хуманитарната помош од Бугарија за бегалците во Македонија

Изутринава од Софија, два камиона со хуманитарна помош за бегалците и за мигрантите во транзитниот центар Табановце, крај Куманово, тргна кон Македонија, стои на веб-страницата на Владата на Бугарија.

Донацијата е на иницијатива на бугарскиот премиер Бојко Борисов, а се прави во соработка со бугарскиот Црвен крст и со бугарски компании кои доброволно обезбедиле прехранбени продукти и минерална вода.

Ова е трет конвој хуманитарна помош што се организира на иницијатива на Владата на Бугарија. Првиот беше упатен во Унгарија, а вториот во Грција. Во транзитниот центар во Табановце во моментов се блокирани околу 1.500 мажи, жени и деца.