Трамп е прогласен за виновен по сите точки во првиот кривичен случај против еден американски претседател

Обвинителството повика 20 сведоци кои, во текот на четирите недели додека траеше судењето, дадоа искази за тоа како Трамп со таблоидниот магнат Дејвид Пекер и адвокатот Мајкл Коен планирал да ги прикрие исплатите за аферите со порно ѕвездата Даниелс и „Плејбој“ моделот Карен Мекдугал. Ова е прво кривично судење против еден актуелен или поранешен американски претседател

Photo: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Доналд Трамп е прогласен за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за замолчување, со цел да се влијае на исходот од претседателските избори во САД во 2016 година.

Пресудата беше донесена откако поротата помалку од 12 часа расправаше во првото кривично судење против еден американски претседател, јави Гардијан. Ова претставува опасен политички момент за Трамп, кој е кандидат на Републиканската партија за овогодишните претседателски избори што треба да се одржат во ноември.

Обвинителите во случајот тврдеа дека Трамп лажно ги регистрирал надоместоците за неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој ѝ платил на ѕвездата од филмовите за возрасни Сторми Даниелс 130.000 долари за нејзино молчење за аферата што ја имала со Трамп. Тој средствата ги регистрирал како „правни трошоци“.

Обвинителството тврди дека фалсификатите биле направени за да се прикрие кршењето на изборниот закон на Њујорк, што го прави кривично дело промовирањето на изборот на кое било лице на функција преку незаконски средства.

Незаконските средства претставувале исплата на 130.000 долари за Даниелс, што, всушност, значело незаконски придонес за кампањата, бидејќи тоа било направено исклучиво во корист на неговата кампања во 2016 година и го надминува ограничувањето за индивидуален придонес од 2.700 долари.

Обвинителството повика 20 сведоци кои, во текот на четирите недели додека траеше судењето, дадоа искази за тоа како Трамп со таблоидниот магнат Дејвид Пекер и Коен планирал да ги прикрие исплатите за аферите со Даниелс и „Плејбој“ моделот Карен Мекдугал.

Кога приказната за Даниелс се закануваше да стане широко позната неколку недели пред американските избори во 2016 година, Коен ѝ ги исплатил средствата на Даниелс за да ги купи ексклузивните права за нејзината приказна – со цел да се потисне нејзиното објавување.

Казната на Доналд Трамп ќе му биде изречена на 11 јули. Тој, сепак, најверојатно нема да биде осуден на затворска казна, пишува Гардијан. Тој е сторител на кривично дело првпат, а делото за кое е осуден претставува ненасилно хартиено кривично дело. Се очекува да добие парична или условна казна, или пак општествено корисна работа.

Од кампањата за реизбор на Џо Бајден за претседател на САД, по пресудата рекоа дека „никој не е над законот“.

„Во Њујорк денеска видовме дека никој не е над законот. Доналд Трамп отсекогаш погрешно верувал дека никогаш нема да се соочи со последици за кршење на законот за своја лична корист. Но, денешната пресуда не го менува фактот дека американскиот народ се соочува со едноставна реалност. Сè уште постои само еден начин да се задржи Доналд Трамп надвор од Овалната соба: пред гласачката кутија. Осуден престапник или не, Трамп ќе биде републикански кандидат за претседател“, се вели во дописот до медиуми.

Републиканците, пак реагираа жестоко на пресудата, при што претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон рече дека ова претставува „срамен ден во американската историја“.

Кратко време по пресудите, Доналд Трамп им испратил допис со изјава на своите симпатизери. Во изјавата, во голема мера се повторува она што Трамп им го кажа на новинарите пред судот во Њујорк, пренесува Би-би-си.

„Ова е срамота. Ова беше наместено судење од конфликтен корумпиран судија. Вистинската пресуда ќе биде на 5 ноември од народот. Јас сум многу невин човек“, напишал Трамп.