Таравари на три јазици вети дека во Гостивар нема да има поделби

Новиот градоначалник на општина Гостивар, поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, денеска на новите членови на Советот на Општината им го честиташе назначувањето на албански, македонски и на турски јазик и повика на соработка. И тој и советниците денеска ги добија уверенијата од општинската изборна комисија и ги почнаа своите мандати.

– Кампањата и изборите завршија, од денеска нема да има поделби на припадници на етнички заедници и на партиски членови. Има само гостиварци и едно семејство што се вика Гостивар. Луѓето во администрацијата ќе се делат на тие што работат и тие што не работат. Ве уверувам дека од денеска, вратите на Општината ќе бидат отворени за сите граѓани. Општината повеќе нема да биде ничија лична сопственост. Општината ќе биде на сите граѓани на Гостивар, без оглед на нивните убедувања, односно политичка, етничка или религиозна припадност – рече, меѓу другото, градоначалникот Таравари.

Тој рече и дека е постигнат договор со политичките партии на локално ниво и е обезбедено мнозинство во Советот.

– Изминативе денови имавме состаноци и според последното, имаме поддршка од 17 советници. Сепак, би сакал тоа мнозинство да биде над 20 и сите одлуки да бидат поддржани од повеќе советници – рече Таравари.

Инаку, се огласи и Општина Гостивар, која демантираше некои пишувања во медиумите, дека новиот  градоначалник почнал да брка од работа вработени во Општината. Според, соопштението, Таравари ги информирал вработените дека ќе има прераспределувања на службеници од една во друга канцеларија, за да бидат на исто место колеги кои вршат задачи од иста област.