Управниот суд уважи една жалба од 28-те поднесени тужби против приговорите одбиени од Државната изборна комисија (ДИК) за гласањето и за сумирањето на резултатите од првиот круг од локалните избори што се одржа на 15 октомври.

Управниот суд ги објави одлуките по сите тужби од партиите на својата веб-страница, според кои уважена е една тужба поднесена од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за поништување на гласање на избори за членови на Советот на Град Скопје, на гласачкото место 2461 во општина Сарај.

Сите други тужби Управниот суд ги одбил како неосновани.

Инаку, тужби до Управниот суд за одбиените приговори од ДИК поднесоа ВМРО-ДПМНЕ, вкупно 24, а по една – ТМРО, Левица и Алијанса за Албанците.

По добивање на одлуката од Управниот суд, ДИК треба да се изјасни дали прегласувањето во избирачкото место 2461 во Сарај ќе има влијание врз изборниот резултат и дали врз основа на тоа ќе има прегласување на ова избирачко место.

Одлуките на Управниот суд се конечни.

По тужбите на партиите одлучуваа пет судечки совети, секој составен од пет судии, избрани со жрепка. Управниот суд објави дел од одлуките во текот на вчерашниот ден, но поради проблеми со компјутерскиот систем, како што беше соопштено од судот, другите 12 одлуки беа објавени ноќеска.

Вториот круг од локланите избори за градоначалници во 35 општини ќе се оджри в недела, на 29 октомври.