Судот издаде наредба за спровод на Мухамед Зекири, премиерот очекува транспарентна и независна постапка

Фото: Порталб.мк, Суад Бајрами

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека дека по добиеното барање, издадена е наредба за спровод на Мухамед Зекири, кој по денешното обвинение дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, самиот си поднесе неотповиклива оставка.

„По добивање на предлогот, во Законски предвидениот рок судија на претходна постапка, согласно одредбите од ЗКП издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот и тоа на единствената адреса посочена во предлогот. Откако, осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, пишуваат од Кривичниот суд.

Кривичниот суд Скопје потсети дека постапува согласно Законските одредби и транспарентно и отчетно информира за сите решенија и одлуки од јавен интерес, но должен е истовремено да ја почитува пресумцијата на невиност и Уставно загарантираните права и слободи на граѓаните.

По оставката на генералниот секретар на Владата, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека тој ја почитува одлуката на Зекири да се повлече од функцијата.

„Тоа е акт на политичка одговорност. Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на пресумпцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар“, изјави премиерот Ковачевски.

ОЈО: Истрага против висок владин функционер и двајца хрватски државјани