Српскиот културен центар го „посрби“ Ѓорѓија Пулевски, социјалните мрежи зовреа, реагираше и МЗ Галичник

Српскиот културен и информативен центар „СПОНА“ ја возбуди јавноста во земјава и ги разбранува социјалните мрежи со завчерашното постирање на линкот до содржината на официјалниот веб-сајт, во која се обработува македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулевски и најголем акцент се става на неговите пројави за „старосрпството“ и потребата за спротивставување на бугарската пропаганда.

Најчестите реакции од корисниците на социјалните мрежи се дека станува збор за неосновано присвојување од српска страна на овој лексикограф, историчар и писател со македонска самосвест. Реагираше и Месната заедница Галичник, во кое село е роден Пулевски во 1817 година, порачувајќи дека потегот на СПОНА е груб обид да се присвои македонски великан.

Во објавениот материјал на СПОНА, насловен „Ѓорѓе Пуљевски – родољуб српски – и неговите писма за помош за печатење на неговите речници во Белград“, се изнесуваат биографските податоци за Пулевски и неговиот лексикографски труд прецизно, но се посветува најголемо внимание на неговите писма и творби во прилог на Србија. Сепак, во текстот на СПОНА се наведува и дека „Речник од три јазика“ јасно ги изнесува идеите за македонски народ и македонски јазик како посебни во словенскиот свет.

Месната заедница Галичник во својата реакција, со која побара извинување од СПОНА за објавениот материјал, изрази и надеж „дека ставот на „СПОНА – Српски културно информативни центар“ не е став на официјален Белград и не е став на пријателскиот српски народ кој има високо изградена свест дека туѓото не се р’чка“.

„Месна заедница Галичник во името на секој еден Галичанец и секој Македонец сака да изрази сериозен протест за дрската и навредливата објава на Организацијата на Србите во Македонија Спона, која се однесува на великанот Ѓорѓија Пулевски.
Грабањето и крадењето на македонскиот национален идентитет со векови е „спорт“ кој го практикувале нашите соседи, а особено кога се работи за нешто што потекнува од центарот на македонската култура, уметност и столб на македонскиот национален идентитет – Галичник“, се вели на почетокот на реакцијата.

Како ‘рбет на својата аргументација, МЗ Галичник цитира токму дел од „Речникот од три јазика“ објавен во 1875 година, во која Пулевски вели дека „и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија“.

„Желбата да се присвои Ѓорѓија Пулевски останува само желба и за истата имаме разбирање. Големец како него ниту имале ниту ќе имаат. Останува и само желба бидејќи секој кој знае да чита ќе прочита“, се вели во дописот од МЗ Галичник, како увод за погоренаведениот цитат.

Краток увид во животот и делото на Ѓорѓија Пулевски.