Српската полиција уапси осомничен за терористички напади во Македонија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, денеска соопшти дека во четири одделни полициски акции, уапсени се двајцата најголеми водачи на нарко-банди во Србија, пресечен е најголемиот синџир за шверцување оружје на територијата на Србија и на Франција, а дека е уапсен и осомничениот Б.Б. за терористички напади во Македонија.

Стефановиќ на прес-конференција изјави дека, на граничниот премин Брњак, врз основа на потерница од Интерпол, уапсен е Б.Б. од Куманово, кој е осомничен за учество во терористичките напади кај нас, во период од јануари до мај.

Во другите полициски акции, Стефановиќ прицизирал дека се уапсени повеќе осомничени за шверцување дрога, меѓу кои и еден од најголемите водачи на нарко-банди на Балканот, М.Т. од Нови Пазар, и М.Н. кој е еден од најголемите шверцери на наркотици во Србија.

Стефановиќ изјавил дека во акцијата во која е уапсен водачот од Нови Пазар, уапсени се уште четири лица од тој град и од Тутин.

Министерот наведе дека полицијата утринава влегла во становите што ги користеле на територијата на тие два града и дека осомничените го шверцувале хероинот од Турција и од Западна Европа на територијата на Србија.

Во последните четири месеци, полицијата запленила 13 килограми хероин на таа криминална група, а низ тие акции биле откриени организаторите и врвот на пирамидата во шверцот на дрогата.