Средношколците со страв одат на училиште

Речиси половина од средношколците во земјата не се чуствуваат безбедно во училиштата, што се должи на нивната перцепција за големата застапеност на оружјето меѓу нивните врсници, покажува истражувањето спроведено од Младинскит образовен форум (МОФ).

Според истражувањето, 45,4 отсто од средношколците сметаат дека нивните врсници во училиште носат нож, 32,4 проценти сметаат дека некој крие алка, 27,7 проценти се сомневаат дека нивни соученици имаат пендрек и 19,1 отсто дека некој од нивните врсници поседува пиштол.

На денешната презентација на резулатите од истражувањето, од МОФ истакнаа дека овие бројки не ја изразуваат точната застапеност на оружјето, туку зборуваат за перцепцијата што ја имаат учениците, но се важни од апсект на тоа како се чувстуваат учениците и како се однесуваат врз основа на ваквата перцепција.

– Допoлнително, ако се споредат резулатите околу нивната перцепција за застапеноста на оружјето и прашањето колку тие поседувале оружје, постои разлика. 3,9 отсто рекле дека носеле нож и 2,5 проценти дека носеле пиштол. Ова е индикативно бидејќи од овие наоди можеме да видиме дека ученицие со себе носеле оружје во училиште – вели Моника Блажеска од МОФ.

Анализите на истражувањето покажале дека нема разлики во застапеноста на насилството меѓу средношколците во етнички хомогени и во етнички хетерогени средини.

– Разликите во однос на етничката структура во градовите се јавуваат во степенот на перцепција на достапноста на оружјето и во искуството со физичкото насилство и малтретирање. Во хетерогените средини имаат почесто искуство со физичко малтретирање и сметаат дека оружјето е повеќе застапатено, отколку во хомогените средини – додава Божиноска.

Ана Поп-Ризова, психолог во гимназијата „Орце Николов“, смета дека во анализата на причините за проблемот со насилството меѓу средношколците, треба да се има предвид општествениот контекст.

– Општествениот контекст е многу битен, да не заборавиме низ што сè поминавме, па така и генерациите млади се израснати опкружени со насилство и не можеме да го занемариме тоа. Практично, сè она што се случува во општеството се прелева и во училиштето – вели Поп-Ризова.

Од нејзиното искуство во гимназијата „Орце Николов“, како најзастапени форми на насилтво ги посочува физичкото малтретирање и малтретирањето преку социјалните мрежи, но и негативното влијание на навивачките групи, кои генерираат насилство особено пред натпревари.

Таа бара унапредување на законската регулатива и посериозни превентивни мерки.

– Постојано се менуваат формите на насилство и доста често се случува да имаме проблем да покриеме многу облици на насилство поради законската регулативата. Треба да се унапреди законската регулатива и друга работа е прашањето на превенција. Таа мора посистематски да се испланира, да не се сведува на некакви формални приредби против насилството или само на некое лого или максима, туку подлабоко да се опфатат, земајќи ги предвид причините за насилството и да врз основа на тоа, да се разработат програми. Во светот има доста модели кои можат да се прилагодат кај нас, како медијацијата, во која самите учениците се вклулени во превентивните активности – вели Поп-Ризова.

Последен случај на насилство за кој работеле во гимназијата, била пријава од родител за малтретирње односно навредување на ученик на „Фејсбук“.

-„Фејсбук“ не е поврзан со школото, но кога ќе се земе во овој контекст, и тоа како е поврзан со училиштето. Ние не го тргнавме тоа на страна, работиме на случајот и имаме подобрувања – додава психологот.

За директорот на средното училиште „Цветан Димов“, Шаиб Зендели, фактори кои се причина и го потикнуваат насилството меѓу средношколците се говорот на омраза на социјалните мрежи, начинот на кој медиумите ги пренесуваат вестите со политичка и со друга содржина и социоекономската состојба на семејствата на учениците.

– Ние немаме проблем внатре во училиштата. Проблемите настануваат кога учениците ќе излезат од училиште, а најголемите инциденти се случуваат на автобуските постојки. Ние, во соработка со градоначалникот на Град Скопје и со МВР, преземаме мерки за поголеми полициски патроли, но инцидентите пак се појавуваат – истака Зендели.