Спасовски: МВР месечно троши повеќе од еден милион евра за мигрантската криза

Министерството за внатрешни работи месечно троши повеќе од еден милион евра за справување со масовниот прилив на мигранти, а и покрај донаторските конференции, одржани повеќепати, до денеска Македонија најголема помош и поддршка доби од Чешката Република, УНХЦР и од Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Ова, меѓу другото, го изјавил министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето поздравно обраќање на регионалната конференција „Миграцијата на балканската рута – Донаторска координација и хуманитарни предизвици“, што во организација на Секретаријатот за европски прашања и на Советот за регионална соработка денеска се одржува во скопскиот хотел „Александар палас“.

„Република Македонија е дел од западно-балканската рута и е силно погодена од бегалската и мигрантска криза. Во услови на масовен прилив на мигранти од вакви размери, си поставивме две примарни цели. Првата е заштита на животот и на здравјето на мигрантите, сузбивањето на криумчарењето мигранти и на трговијата со луѓе, а втората е заштита на националната и на јавната безбедност и заштита на јавното здравје“, посочил Спасовски.

Според министерот за внатрешни работи, законските измени направени изминатите шест месеци и покрај остварувањето на целите за кои биле донесени, од друга страна довеле и до „дополнителен ангажман на институциите“ во земјава.

„Вонредно се ангажирани дополнителни човечки и материјално-технички ресурси на сите надлежни институции во државата за соодветно регистрирање на мигрантите, како и за обезбедување на неопходна помош при нивниот влез и транзит. Од аспект на Министерството за внатрешни работи, справувањето со миграциската криза претставува дополнително оптоварување на буџетот“, рекол Спасовски, стои во соопштението на МВР.