Софија: Борисов и Иванов договорија заеднички безбедносни операции на границата

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, и македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, во телефонски разговор договориле во наредните денови да бидат спроведени заеднички македонско-бугарски копнени и воздушни операции за заштита и за контрола на заедничката граница од илегални премини на мигрантите, стои во соопштение објавено на интернет-страницата на бугарската влада.

Како што се појаснува во соопштението, Иванов и Борисов разговарале за проблемот со бегалците и за можностите за прекинување на каналите за шверц на мигранти долж границата меѓу Македонија и Бугарија. Во таа насока, како превентивни мерки, биле договорени и заедничките операции на границата.

„Премиерот (Бојко Борисов н.з.) ја изрази својата загриженост за ситуацијата во земјите од Западен Балкан во контекст на бегалската криза и посочи дека по испраќањето хуманитарна помош во Идомени, Грција, властите во земјата подготвуваат таква помош и за бегалците во Република Македонија“, стои во соопштението на бугарската влада.

Борисов во разговорот со Иванов, исто така, посочил дека е неопходна солидарност и координација меѓу сите земји членки на Европската Унија за решавање на проблемот, а најголема помош треба да добијат оние земји што поради својата географска положба имаат најголема одговорност за заштита на границите.

Од кабинетот на претседателот Иванов денеска соопштија дека тој вчера и денеска телефонски разговарал со повеќе лидери од земјите членки на Европската Унија и од земјите на балканскиот коридор за мигрантската криза, меѓу кои и со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Оттаму велат дека Иванов во текот на оваа и на следната недела ќе оствари телефонски разговори и со други лидери од ЕУ, земјите од балканскиот коридор и од други засегнати држави.