Собраниската дебата за импичментот на Иванов продолжува утре

По денешната бурната расправа за импичментот на претседателот Ѓорге Иванов, пратениците со дискусија ќе продолжат утре. Власта и опозицијата веќе втор ден дебатираат дали Иванов треба да понесе одговорност за одлуката за помилување и нејзиното повлекување.

Пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека со дадените помилувања, Иванов  не го прекршил Уставот и законите, а опозицијата бара и политичка и правна одговорност.

– ВМРО ДПМНЕ да одговори кога Иванов бил во право , кога ја донел одлуката за аболиција или кога ја поништил, побара координаторот на СДСМ, Горан Сугарески.

Пратеникот Момчило Аврамовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Иванов е единствениот претседател кој претседателскиот мандат го освоил по втор пат.

Пратеникот на Унитети, Зулфи Адили смета дека по одлуките за помилување, па нивно поништување, Иванов мора да поднесе оставка.

Сличен став има и претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, според кој Иванов  нема кредибилитет и натаму да биде претседател на државата.

Тој предложи и да се промени начинот на избор на претседател, наместо на општи избори, претседател да се бира во Собранието.