Со песна за климатска акција, „Дајте музика“ ќе нè претставува на Детска Евровизија

фото: Дајте музика/ Dajte Muzika, Фејсбук

Македонски претставници на годинешниот избор за песна на Детска Евровизија ќе бидат децата од емисијата „Дајте музика“ што се емитува на Македонската радио телевизија (МРТ).

Тие на настанот кој ќе се одржи во Париз ќе ја претстават земјава со песната „Green Forces“ (Зелени сили), во која упатуваат силна порака за планетата Земја и повикуваат на климатска акција од страна на најмладите.

„Ова е единственото место што го нарекуваме дом, мораме да сфатиме дека грешиме“, пеат Кристина, Анастасија, Миха и Филип од „Дајте музика“.

Јуниорскиот избор за песна на Евровизија ќе се одржи на 19 декември во салата „La Seine Musicale“ во Париз, откако минатата година на натпреварот победи 12-годишната Валентина Тронел од Франција.

Северна Македонија годинава се враќа на фестивалот, откако минатата година немаше свој претставник.

Вкупно 19 земји ќе учествуваат на детската верзија на Евросонг. Од земјите во регионов, учество ќе земат и Албанија, Србија и Бугарија.