Со пари од ЕУ ќе реновираме хидроелектрани, ќе градиме ветерен парк и регионални депонии

Фото: Архива на Мета.мк

Европската унија обезбеди нова финансиска помош за Македонија преку неповратни средства. Со обезбедените финансии ќе се реновираат шест хидроелектрани, ќе се гради ветерен парк во Богданци и ќе се изведуваат долгонајавуваните регионални депонии во Полошкиот, Пелагонискиот, Вардарскиот, Југозападниот и Југоисточниот регион, информираше вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој на својот Фејсбук профил објави дека од страна на Европската комисија на Северна Македонија и биле одобрени уште три проекти за реализација, преку повикот за инвестициски грантови во вредност од 53.015.968 евра.

„Денес добив одлична вест од Брисел која веднаш ја споделувам со вас, граѓаните. Европската комисија одобри 53.015.968 евра за Северна Македонија, за три нови проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан“, објави вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ како Национален ИПА координатор смета дека европските фондови и странската донаторска помош е од огромно значење на енергетската независност и за заштита на животната средина, две области кои носат сериозно подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.

„Ова е помош за државата да ги изведе реформите, но и побрзо и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и подобрување на инфраструктурата“, потенцира Маричиќ.

До крајот на јули минатата година, Европската унија ги одобри првите четири инвестициски проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Нашата земја аплицираше со четири инвестициски проекти и ја доби поддршката за сите проекти во износ од 225,6 милиони евра.

Одобрените проекти на последниот повик за инвестициски грантови се за проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија-Бугарија на коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија доделен грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF), во износ од 149,2 милиони евра, за проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 Фотоволтаична станица во износ од 1,6 милиони евра, за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола Фотоволтаична централа, во износ од 5 милиони евра и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, во висина од 69,8 милиони евра. Новоодобрените неповратни средства од 53 милиони евра се дополнителни финансии за нови проекти.

Во рамките на шестиот повик за инфраструктурни грантови беа одобрени грантови во износ од 1,1 милијарди евра за сите шест земји од Западен Балкан, а проектите од Северна Македонија учествуваат со 20,5 отсто од одобрениот износ, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

Особено важен за заштитата на животната средина е проектот за изградба на регионалните центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југозападен и Југоисточен регион. За овој капитален проект, владата пред две недели го потпиша договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем од 55 милиони евра, коишто сега се надополнети со неповратни средства од ЕУ. За изградба на регионалните депонии според стандардите на ЕУ, македонската влада обезбеди и грант од 9 милиони евра од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и дополнително 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).

Покрај тоа што треба да се изградат три нови регионални депонии по највисоки стандарди во општините Новаци, Гостивар и Василево, со проектот за општините од петте региони ќе се набават нови контејнери за комунален отпад и возила за собирање на истиот, а ќе се подигнува и развива свеста кај граѓаните за селекција на отпадот.

Потпишан договорот со ЕБОР за изградба на современи депонии за пет македонски региони