Со новата програма за образование за животна средина, младите ќе учат за климатските промени

Фото: Thomas Park на Unsplash

Денеска, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за труд и социјална политика заедно со Шведската амбасада во Скопје и УНИЦЕФ го најавија отпочнувањето на нова програма за децата насочена кон унапредување на образованието за животната средина и климатските промени.

Опфаќајќи предучилишно, основно и средно образование, еден од аспектите на програмата ќе биде наставниците да добијат ресурси и капацитети за
реализација на интересна содржина и активности со учениците во поддршка на еколошкото образование. Со програмата ќе се воспостават и механизми за професионален развој и колегијално учење на наставниците. Исто така, со програмата, на децата ќе им се овозможи широка низа платформи и алатки за искуствено, практично учење во областа на природните науки. Таа ќе креира места и можности за вежбање и активно дејствување, социјални иновации и претприемништво.

„Како министер за животна средина и просторно планирање, имав привилегија повеќепати да разговарам со младите за нивните ставови и загриженост околу животната средина и климатските промени. Овие дискусии претставуваа многу освежувачки и инспиративни моменти кои навистина ја ставаат нашата одговорност во перспектива. Она на што сум особено горд е што нивните мислења и сугестии се најискрени и многу директни, а во исто време многу конструктивни и стратешки издржани. Оваа мотивација треба да ја негуваме и да дозволиме да ја води нашата работа“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.

Амбасадорка на Шведска во Северна Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон, истакна дека климатските промени и деградацијата на животната средина стануваат најголемите предизвици на нашето време, а образованието и подигањето на свеста од најмала возраст се суштински елементи на глобалниот и локалниот одговор.

„Развојот на знаењето игра важна улога во градење здрави, зелени и климатски отпорни општества, при што децата на денешнината стануваат информирани и ангажирани млади граѓани на утрешнината. Поврзувањето на проектните цели со реформските процеси во земјата, исто така, го чини овој заеднички напор релевантен за европската перспектива и спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан“, изјави Форсгрен Бенгтсон.

Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, за време на воведниот состанок меѓу партнерите рече дека сите сме сведоци на моќта на младите климатски активисти кои бараат поголема акција за климата, како и за желбата, оваа програма да создаде можности младите од земјава да предводат национални иницијативи.

Министерката за образование и наука пак, Мила Царовска посочи дека почитувањето и заштитата на нашето опкружување се учи и се негува од најмали нозе, поради што влучувањето на образованието за животната средина и климатските промени во наставните програми е многу важно.

Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика додаде дека во градинките постои најдобрата можност да се воспитаат децата, да развиваат ставови и однесувања што ќе се пренесат и во полнолетството, а со тоа и ќе ги обликуваат нашата култура и заедници.

Тригодишната програма, финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), се стреми да придонесе кон систем кој создава јавна побарувачка за решенија на еколошко-климатските предизвици и ги поддржува младите активно да се вклучат во одговорот на сѐ поголемите ризици.