Денеска на првиот училишен ден, во училиште појдоа 245.000 основци и средношколци. Според Министерството за образование и наука (МОН), за последните седум години бројот на ученици во основните и средните училишта е намален за 17.000 што е околу 7 отсто.
Во прво одделение, пак, според МОН, се запишале 3.500 ученици помалку во споредба со учебната 2018 година. бројот на првачиња е намален за околу 3.500, соопштија во Министерството за образование и наука (МОН).
Според експертите, главни причини за ваквата состојба се нискиот наталитет, како и иселувањето од државата. Секоја учебна година, во училиштата се запишуваат сè помалку првачиња, а голем е и бројот на децата кои не го дочекуваат крајот на учебната година, бидејќи во меѓувреме, се иселуваат во друга земја со нивните семејства.
Јован Петрески, директорот на гимназијата „Панче Арсовски“ во Автокоманда, за Мета.мк вели дека пред 20 години во училиштето се запишувале по 200 ученици во прва година.
„Годинава запишавме вкупно 46 ученици во прва година, во три паралелки. Во минатото во прва година имаше шест паралелки. Доста е низок бројот на ученици. Причина за ова е белата чума и иселувањето од државата. Но, при анкетите кои ги правиме меѓу деветтоодделенците, тие велат дека избираат училишта во Центар затоа што сакаат да излезат од микросредината во која се наоѓаат“, вели Петрески.
Сепак, додава тој, во класовите има по околу 16 деца, а со мал број на ученици подобро се работи.
„Учениците се чувствуваат како во приватно училиште. Вниманието кое го посветуваат наставниците е голем, а тоа се манифестира со многу успеси и награди кои ги освојуваат учениците. Работата со помал број ученици си има предности“, нагласува Петрески.
Менаџерите на приватни училишта со кои поразговаравме, велат дека запишувањето на децата во ваквите училишта придонесуваат во ова, но незначително.
„Не примаме голем број ученици, кај нас бројката е статична. Мислам дека причина за намалениот број на ученици на ниво на држава е негативниот демографски прираст како и иселувањето. Ние како приватни училишта можеби малку придонесуваме, но не мислам дека тоа е значително“, вели менаџер на едно приватно училиште.
Центарот за граѓански комуникации со уште подрастични бројки
Денеска и Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) излезе со свои бројки околу бројот на ученици во македонскиот образовен систем, поразлични од оние кои ги објави МОН.
„Во основното и во средното образование има 27.000 ученици помалку во последните 10 години. Во основните училишта, најголемо намалување на бројот на ученици од дури 57 отсто има во Ново Село, а кај средните во Пехчево каде само за десет години има 83 отсто помалку ученици. Бројот на наставници, пак, во основно расте, а во средно има мало намалување“, соопштуваат од Центарот.
Оттаму додаваат оти намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование каде само за десет години бројот на ученици е намален дури за 20 отсто, односно за 17 илјади ученици. Во основното образование, намалувањето изнесува 5 отсто, односно 10 илјади ученици.
Најголемо намалување на бројот на ученици има во Гази Баба
Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка, според ЦГК, има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат Центар, Струга, Куманово и Гостивар.
Ако се земе предвид само основното образование, анализата покажува оти во општина Ново Село за десет години бројот на ученици е повеќе од преполовен, односно се намалил за 57 отсто.
„Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово“, се додава во соопштението од Центарот.
Инаку, на 17 август Мета.мк објави дека за само една година „снемало“ 2.975 основци и 11 училишта, според Државниот завод за статистика.
Од друга страна пак, пред 10 години, во основното образование биле вработени 17.219 наставници, а последнава учебна година, оваа бројка е 18.831. Во ова една декада бројот на наставници пораснал за 1.612.
Нема учебници за странски јазици
Иако МОН се пофали дека оваа година за прв пат во последните седум години се „навремено испорачани учебниците во основните училишта“ факт е дека учениците од прво до деветто одделение немаат учебници за странски јазици.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во една своја позната изјава рече дека учебници за странски јазици ќе има дури догодина, но тие нема да бидат печатени.
Според нејзе, тоа нема да биде проблем бидејќи „јазикот е жив“ и децата „почнуваат да го учат и од сериите“.
Едносменска настава се воведува во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1.000 образовни асистенти. Во МОН изготвиле и Протокол за организирање настава во услови на топлотен бран.