Учениците заслужуваат современи методи на учење, критичко размислување и интегрирање на информатичката технологија и дигитални трендови во наставата, како и да се вложува во научно-истражувачката дејност и да се јакне ученичката самостојност. Ова е ставот на во Младинскиот образовен форум (МОФ), на првиот училишен ден.
„Денес, на 2 септември, околу 67 илјади средношколци и 180 илјади основци седнуваат во училиштните клупи со желба за нови знаења и искуства. Но, дали вистински ќе ја започнат учебната година во средина која ги подготвува за иднината? Сведочиме дека нашиот образовен систем сè уште се соочува со големи предизвици“, велат оттаму.
Тие потсетуваат дека истражувањата покажуваат дека македонските ученици се далеку под светскиот просек во образовните постигнувања.
„Првиот училиштен ден треба да биде почеток на суштински промени во образованието. Време е училиштата да се претворат во центри на знаење и иновација и нови образовни модели на едукација преку кои младите ќе добијат поддршка и поттик за достигнување на својот полн потенцијал“, сметаат оттаму.
Учениците, според нив, заслужуваат образовен систем кој ќе ги мотивира и ќе им овозможи да ги развијат своите таленти и вештини, да имаат став, со што ќе се создадат активни граѓани.
„Потребно е осовременување на наставните материјали и константно инвестирање и работа со професорите и со образовните кадри. Уште поголема е потребата за почитување на правата и потребите на лицата со атипичен развој, меѓу кои се сензибилизирање на наставниот кадар, обезбедување на образовни асистенти, инфраструктура и соодветни услови за учење“, велат оттаму.