Повисоки плати побараа учесниците на денешниот собир на наставници и просветни работници што го организираше Комисијата за образование и наука на СДСМ, а кој се одржа пред зградата на Министерството за образование и наука (МОН).
Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, беше пораката од собирот.
„Бараат да бидат вклучени во подготовките на сите реформски процеси, да го дадат својот придонес за образованието. Ако можеше за седум години секоја година да се зголемува платата на наставникот, нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува. Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците во септември за 12 проценти“, изјави наставничката Розалија Ангеловска.
Наставникот Петре Трајковски рече дека од овој септември, поради законско усогласување, просветните работници требало да добијат покачување на платите во просек за 4.300 денари.
„Ветувања за подобри услови за живот, поголеми плати, наставниците добиваа и од актуелната министерка Весна Јаневска кога беше опозиција. Седна во удобната фотелја и заборави на наставниците. Евентуално вели во март наредната година“, рече Трајковски.
На собирот се обрати и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој ја обвини Владата дека нема интерес да ги зголеми платите во образованието и се правда дека нема доволно пари во буџетот.
„Во интерес на просветните работници е да се зголемат платите. Ставот на премиерот и на министерката е понижување и навреда за просветните работници. Мора да ставиме фокус на овие работници, тие ги школуваат децата и тоа е најголема инвестиција за иднината. Ако ние најдовме средства да за седум години ги покачиме платите за 55 отсто, тогаш оваа Влада само бара изговори. Наместо да работат, тие сакаат да бидат мајстори на илузијата“, рече Филипче.
Во зградата на МОН, пак, претпладнево прес-конференција одржа министерката Јаневска.
Таа повтори дека ставот на министерството и на Владата е оти покачување на платите на наставниците е предвидено во 2025 година, а годинава немало можност за интервенирање поради, како што кажа, огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари.
„Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство“, изјави Јаневска.