Скопје се задушува во ПМ10-честички, во Карпош нивото беше 24 пати над дозволеното

Загаденоста на воздухот во Скопје утринава е од четири до седум пати поголема од максимално дозволената граница пропишана во Европската Унија, односно 50милиграми честички на еден кубен метар. Утринава во девет часот, според податоците на мерните станици, нивото на ПМ10-честичките во скопските општини изнесувало: Ректорат 379,41 милиграми на кубен метар, Центар – 323,27 милиграми, Карпош – 305,86 милиграми, Гази Баба – 285,72 милиграми и Лисиче 209,39 милиграми на еден кубен метар.

Синоќа во скопската општина Карпош е регистрирано рекордно загадување, кое е 24 пати поголемо од дозволеното, односно нивото на ПМ10-честичките изнесувало 1.218,63 милиграми на еден куваен метар. Канцерогените честички со големина помала од 2,5 микрометри (ПМ2,5), пак, во воздухот биле присутни во концентрација од 206 милиграми на кубен метар, што е повеќе од 10 пати од пропишаната граница. Ситуацијата со загаденоста беше лоша и во другите општини, па така во Центар нивото на ПМ10 честичките изнесувало 421 милиграм на метар кубен, а на ПМ2,5 – 356 милиграми на метар кубен. Честички со големина помала од 10 микрометри во воздухот во Лисиче имало 667 милиграми на еден метар кубен, а во Гази Баба – 618 милиграми на метар кубен.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, на 25 јануари до владата предложил мерки за намалување на загадувањето на воздухот, но засега нема одговор на предлогот.

Според мерките од Министерството за животна средина и просторно планирање, се предвидува воведување на сообраќаен режим пар-непар и сите државни и јавни институции за 50 отсто да го намалат користењето на службените возила.
Поради зголемената загаденост, на граѓаните им се препорачува да не излегуваат надвор без посебна причина.