Сирија: Бунтовниците го замрзнаа учеството во разговорите за решавање на конфликтот

Сириските бунтовнички групи соопштија дека одлучиле да ги замрзнат разговорите за нивно учество во мировните преговори за Сирија, кои треба да се одржат во Казахстан, сè додека сириските сили и нивните советници не престанат да го кршат примирјето.

Бунтовничките групи, како што јавуваат светските агенции, во соопштението наведуваат дека територијалното напредување на војската и на милицијата, кои имаат поддршка од Иран, би довело до пропаѓање на договорот за прекин на огнот.

Во договорот за прекин на огнот посредуваат Русија и Турција, а Москва подготвува мировни разговори во главниот град на Казахстан, Астана.

„Режимот и неговите сојузници продолжуваат да пукаат и вршат големи и обемни кршења на договорот“, се наведува во соопштението потпишано од бунтовничките групи.