Штрајк со глад на опозициските лидери, во Белград протест против изборните измами

Опозициските демонстранти порачаа дека ќе останат на улица и во текот на ноќните часови

Извор: Принтскрин од видео пренос на протестот на Демократската партија

Српските опозициски лидери Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ започнаа штрајк со глад поради изборните измами на власта во Белград. Тие побараа поништување на локалните избори во српскиот главен град, додека илјадници жители на Белград протестираа вечерва пред Републичката изборна комисија, јавува телевизијата Н1.

Протестот почна пред Собранието на општина Белград во центарот на градот, а демонстрантите продолжија со собирот пред зградата на Републичката изборна комисија, каде што ги предадоа доказите за изборни нерегуларности во Белград. Опозициските демонстранти порачаа дека ќе останат на улица и во текот на ноќните часови.

Републичката изборна комисија на седницата ги отфрли сите приговори кои беа поднесени до тоа тело по повод спроведувањето на парламентарните избори на 17 декември. Откако ги отфрли сите приговори за овие избори, Комисијата треба да одлучува и за приговорите за локалните избори.

Во Белград вечерва е тензично. Зградата на Републичката изборна комисија беше гаѓана со јајца, а околу 22:30 часот вечерва се случи инцидент помеѓу обезбедувањето и вработените кога во објектот се обидел да влезе директорот на Републичкиот завод за статистика, Миладин Ковачевиќ. Во тој момент биле фрлени неколку празни шишиња кон објектот.

Врз основа на преработени 96,68 отсто од обработените избирачки места во Србија, владејачката коалиција предводена од партијата СНС на Александар Вучиќ освоила 46,71 отсто од гласовите на парламентарните избори, додека опозициската коалиција „Србија против насилство“ доби 23,58 отсто од гласовите. Во парламентот ќе влезат и уште три други листи на партии, како и пратеници од пет малцински листи.

Според Градската изборна комисија во Белград, од 1.180 избирачки места се обработени 1.091 избирачко место. Коалицијата предводена од партијата СНС на Александар Вучиќ освоила 39,35 отсто од гласовите, додека опозициската коалиција добила 34,26 отсто од гласовите. Сепак, формирањето на власта во Белград ќе зависи од помалите политички партии кои ќе влезат во белградскиот градски совет.