Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката на партијата, Радмила Шекеринска вечерва протестираа заедно со „Шарената револуција“ и фрлаа боја врз зградата на Министерството за правда. Полицискиот кордон кој го чуваше Министерството им дозволи на неколку демонстранти со пушки со боја да го поминат кордонот и одблиску да ја бојат зградата.

– Овде сме да се солидаризираме со сите другари и другарки кои се повикани во полициските станици и казнети со по 50 евра. Тука сме сите. Сите фрлавме боја, нека не казнат сите. Не можат да не казнат сите и да не затворат. Оваа криминална влада мора да падне – рече Заев пред Министерството за правда, каде се палеа и факели и се скандираше „Мафија на робија“ и „Шутка не ти бега Никола“.

Претходно голем број на граѓани пред Специјалното јавно обвинителство (СЈО) потпишуваа изјави дека боеле со „Шарената револуција“.

Потписите се собираа како поддршка на оние што се приведени поради боење државни институции и кои се повикувани на информативен разговор во МВР.

Главната парола на демонстрантите беше „Се пријавувам, и јас сум хулиган-ка“.

На патот кон Собранието демонстрантите застанаа пред средното училиште Јосип Броз Тито, каде пред споменикот му оддадоа почит за Денот на младоста, 25 мај.

Пред неговиот споменик демонстрантите положија цвеќе и оставија порака „За Тито штафета на младоста, за Грујо паштета на гадоста“.

„Шарената револуција“, обележува и ќе продолжи да обележува се што е грешка на ова општество, рече активистката Ирена Стериева пред Собранието.

– Затоа ќе порачам, со заплашувањата нема ништо да направите. Собранието е грешка, Министерството за правда е грешка, Уставниот суд е грешка и Министерството за култура е грешка и тоа голема. Затоа и ги обележуваме. Грешни сте цела влада и затоа ќе одговарате -заклучи Стериева.

Професорката Мирјана Најчевска, која утринава беше на информативен разговор во полициската станица „Беко“, рече дека не се плаши и дека повеќе не се работи за идентитетот, за идеализмот и за хероите, туку се работи за денес и за овде.

– Се работи за тоа дека не терате да мољакаме за она што ни припаѓа. Не терате да се лигавиме за секоја коска што ќе ни ја фрлите. Се работи за тоа дека со ниту една нога не сме влезени во 21 век. Се работи за тоа дека сме заглавени во овој кенеф за кој не убедувате дека е светска палата. Се работи за тоа дека ни ја заробивте иднината, како на нас, така и на нашите деца. Доста е – рече Најчевска.