Шахпаска- Демири
фото: МТСП

Од денеска на граѓаните повторно им се достапни програмите и мерките од Оперативниот план 2021, за кои во изминатиот период имаше најголем интерес, информираа на денешната прес-конференција, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири.

Тие потенцираа дека граѓаните и работодавачите добиваат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата Самовработување, како и за мерките: Субвенционирање на плати, Практиканство, Обука на работно место за познат работодавач и за Програмата Јавни Работи.

„Мерките обезбедуваат поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста, посебно кај младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош. Како и поддршка на невработените на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на пандемијата со ковид-19“, истакна Шахпаска, која додаде дека сега за прв пат во Оперативниот план се вградени три принципи.

Справување со негативните ефекти врз пазарот на труд и вработеноста поради пандемијата, со што приоритет се дава на лицата кои ја изгубиле работата, потоа принципот на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.

Според принципот на диверзитет и инклузивност, распределбата на средствата и на мерките ќе се одвива и според правична, адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани. Шахпаска рече дека за прв пат, 25 милиони евра се вложуваат во рамномерниот регионален развој во согласност со податоците од Бирото за регионален развој.

„За мерката самовработување, соодносот меѓу мажите и жените ќе биде 40 спрема 60 проценти. Во регионите Центрите за вработување ќе даваат предност на млади лица до 34 години и на корисници на гарантирана минимална помош“, подвлече Шахпаска.

Директорот Демири информира дека лицата кои веќе аплицирале за овие мерки и програми не треба да аплицираат повторно, бидејќи нивните апликации се земени предвид. „За прв пат е објавен и јавниот оглас за Обуки за развој на дигитални вештини кој ќе опфати 400 невработени и ќе ги надгради нивните вештини во областа на информациските технологии, заради побрза интеграција на пазарот на трудот“, рече тој. Додаде дека во Центрите за вработување, сите заинтересирани невработени лица и работодавачи подетално можат да се информираат за Оперативниот план за 2021 и да аплицираат за програмите и мерките.