Стефан Јанев, технички премиер на Бугарија. 20 мај 2021. Фото: Сајт на владата на Бугарија

Скандалот со прислушувањето на опозициски политичари во текот на предизборната кампања во Бугарија постојано ескалира – денеска Бојко Рашков, министерот за внатрешни работи во техничката влада за телевизијата „Нова“ изјави дека меѓу прислушуваните бил и техничкиот премиер Стефан Јанев, јави „Медиапул“.

Вчеравечер Рашков ги потврди сомнежите за следење, и објасни дека специјалните разузнавачки средства – СРС (пандан на Посебните истражни мерки – ПИМ во земјава) биле спроведувани од државната агенција „Технички операции“ и Државната агенција за национална сигурност (ДАНС).

Денеска софиското обвинителство наложи на Националното биро за контрола на специјалните разузнавачки средства да направи проверка за утврдување злоупотреби при примената на СРС.

Обвинителството реагираше откако вчера Атанас Атанасов од „Демократска Бугарија“ повика да се провери информацијата дека 32 политичари од опозицијата, некои од нив носители на листи и противници на ГЕРБ биле прислушувани во време на предизборната кампања за изборите на 4 април. Според него, тоа го правеле ДАНС, Главна дирекција „Борба со организиран криминал“ (ГДБОП) и дирекцијата „Внатрешна безбедност“ во МВР.

Атанасов го повика и техничкиот министер за внатрешни работи да направи проверка. На тоа Рашков одговори со изјава дека ја одзема довербата на шефот на „Внатрешна безбедност“.

Според Христо Иванов, ко-претседател на „Демократска Бугарија“, нарачката за прислушувањето е од поранешниот премиер Бојко Борисов, пренесува „Медиапул“.