Седуммина убиени во руски воздушен напад врз западноукраинскиот град Лвив

Меѓу убиените има деца од девет и четиринаесетгодишна возраст

Фото: Lestat (Jan Mehlich), CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Седуммина биле убиени во руски воздушен напад врз градот Лвив, пренесува Ројтерс.

Според градоначалникот на Лвив, во нападот биле повредени четириесетина луѓе, а меѓу убиените имало и деца од девет и четиринаесетгодишна возраст.

Лвив се наоѓа во западна Украина, во близина на границата со Полска, која е земја-членка на НАТО.

Во нападот биле уништени и згради заштитени од УНЕСКО, кои биле дел од културното наследство на градот.

Нападот врз Лвив доаѓа ден по најсмртоносниот руски напад врз Украина. Во вчерашниот воздушен напад врз воена зграда во централна Украина беа убиени над педесет лица, а уште стотици беа повредени.

Русија сè уште нема коментирано на нападот, но претходно имаше најавено дека ќе изврши „сериозен“ напад врз Украина како одговор на украинските напади врз руска територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека поддржувачите на Украина би можеле да помогнат да се запрат вакви напади во иднината со тоа што би обезбедиле повеќе средства за воздушна одбрана. Тој повторно апелираше до своите сојузници да се дозволи западно оружје со долг дострел да се користи подлабоко на руска територија.

Истовремено, Зеленски се справува со промени во неговиот кабинет. Неколку министри, вклучувајќи го министерот за надворешни работи, поднесоа оставки во изминатите денови. Ова преобразба беше очекувана подолго време; Зеленски вели дека била потребна во овој критичен период за Украина.

И украинскиот министер за надворешни работи поднесе оставка