Обединетото Кралство и САД засега не дале зелено светло за Украина да користи ракети со долг дострел за да погоди цели во Русија, по средбата на американскиот претседател Џо Бајден и премиерот на Велика Британија Кир Стармер во Вашингтон, пишува Би-Би-Си. Претходно рускиот претседател Владимир Путин ги предупреди западните земји да не дозволуваат Украина да истрела проектили со долг дострел кон Русија.
На прашањето дали го убедил Бајден да и дозволи на Украина да истрела проектили со долг дострел Storm Shadow во Русија, Стармер рече дека имале долга и продуктивна дискусија на голем број фронтови, вклучително и Украина, Блискиот Исток и Индо-Пацификот. Тие исто така изразиле длабока загриженост за обезбедувањето оружје за Русија од страна на Иран и Северна Кореја.
Рускиот претседател Путин претходно се закани дека евентуалната дозвола за Украина ќе претставува директно учество на НАТО во војната во Украина.
САД и Велика Британија досега не и дадоа дозвола на Украина да користи ракети со долг дострел против цели во Русија, поради страв од ескалација. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ги повикува западните сојузници на Киев да одобрат таква употреба, велејќи дека тоа е единствениот начин да се стави крај на војната.
Откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, украинските градови и линии на фронтот беа секојдневно бомбардирани од Русија. Многу од ракетите и бомбите што ги погодија воените позиции на Украина, станбените блокови, енергетските објекти и болниците се лансирани од позиции длабоко во Русија. Киев вели дека тоа што не му е дозволено да ги погоди базите од кои се изведуваат овие напади ја попречува неговата способност за самоодбрана.
Велика Британија претходно соопшти дека Украина има право да користи британско оружје за самоодбрана, што не ги исклучува операциите во Русија, по ненадејниот прекуграничен упад на Киев минатиот месец. Сепак, ова ја исклучува употребата на ракети со долг дострел Storm Shadow на територија надвор од меѓународно признаените граници на Украина. САД и обезбедија ракети со долг дострел на Украина на почетокот од оваа година, но како и другите западни сојузници на Киев, тие не беа одобрени за употреба на цели длабоко во Русија.