„Материјалите од прислушувањето и содржините од него се надлежност на специјалниот јавен обвинител. Тој е единственот што во независна и непристрасна постапка, ослободен од рацете на Никола Груевски, може да донесе одлуки во кои ќе верува јавноста“, изјави на прес-конферeнција Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ.
Тој вели дека се покажала „непрофесионалноста на Марко Зврлески, кој е во директен линк со Никола Груевски“. Исто така, Шилегов вели дека „напразно Зврлески сака да покаже дека наводно нешто почнал да работи“.
– Половина година од објавата на доказите од прислушувањето и од поднесените кривични пријави, не е покрената ниту една постапка. Соопштението од Зврлески следува откако е договорено специјален јавен обвинител да ги работи предметите за функционерите, чија одговорност ја крие тој. Зврлески ниту еднаш не се осмелил да го спомене името на Никола Груевски, а не, пак, да го викне на распит и покрај големиот скандал со парцелите на Водно во кој Груевски е вмешан како премиер. Обвинителството не постапило по допрен глас за ниту една од снимките, за кои не е поднесена кривична пријава, а особено снимката што открива криминал со автопатиштата, во кој е вмешан Груевски, со сериозни индиции за барање мито меѓу 15 и 18 милиони евра. Освен Мијалков, ниту еден од високите владини и партиски функционери, кои се вмешани во скандалите, не е викнат на распит. За ниту еден од нив нема мерка за обезбедување – изјави Шилегов.
Портпаролот на СДСМ додава дека сите тие сè уште си ги извршуваат своите функции, а можат да попречат истрага, да влијаат на сведоци или да уништат доказен материјал. Шилегов вели дека Зврлески не смее и не може да донесе одлуки по предметите.
– Зврлески нема ни морален, ни професионален интегритет и кредибилитет. Токму затоа, договорен е специјален јавен обвинител. Ништо не е ниту разјаснето, ниту готово. Единствено што може Марко Зврлески е да си поднесе оставка – рече Шилегов.