СДСМ: За хаваријата на патиштата одговорна е власта на Груевски

Миле Јанакиески да не ја префрла одговорност само на ЈП „Македонија пат“ за целата хаварија по патиштата по врнежите од снег, бидејќи за целата ситуација одговорна е власта на Никола Груевски, обвини денеска СДСМ.

– Власта на Груевски е таа што ги задолжи граѓаните на Македонија за милионски камени фонтани, споменици и за тркала, наместо да ги решава суштинските потреби. Затоа од првиот снег не се функционални голем дел од магистралните и регионалните патни правци, до малите улици – стои во соопштението од СДСМ.

Оттаму велат дека, според нивни информации, залихите на сол се доведени на минимум, а опремата што ја користи ЈП „Македонија пат“ не е навремено сервисирана и е технички дотрајана, поради што мал број возила се во состојба да ја извршуваат својата функција.

– Наместо да се сликаат до настанатите проблеми, претставниците на Владата на Груевски веднаш нека ги свртат приоритетите кон граѓаните. Одговорноста за целата ситуација е на власта на Никола Груевски – велат од СДСМ.