Само тројца во притвор од 14 приведени во акцијата „Јагула“

Најголемиот дел од осомничените што вчера беа приведени во полициската акција „Јагула“ во Охрид, се пуштени да се бранат од слобода.

Во текот на вчерашниот ден и изминатата ноќ, тие беа изведени пред судија на предходна постапка, во Основниот суд Скопје 1.

Мерката притвор им е определана само на поранешниот градоначалник Александар Петрески и на уште тројца раководители на сектори од неговата администрација, во претходниот состав на локалната самоуправа во Охрид.

Во досегашната постапка, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР осомничи 16 лица дека во континуитет, во периодот од 2007 до 2013 година, биле инволвирани во криминални активности поврзани со злоупотреби при спроведување постапки за јавни набавки.

Како што вчера информираше портпаролот на МВР, Иво Котески, осомничените дејствувале како организирана криминална група, предводена од поранешниот градоначалникот Патрески, а во која фигурираат уште шест лица од Охрид, на возраст од 38 до 59 години. Како помагачи на групата, велат од МВР, биле инволвирани уште 10 лица, од кои девет од Охрид и едно од Струга.

Полицијата ги товари осомничените за повеќе кривични дела, меѓу кои за злосторничко здружување, перење пари, примање поткуп, оштетување или повластување доверители, при што го оштетиле буџетот на Општина Охрид во износ од вкупно 785.000 евра, а се стекнале со противправна имотна корист од околу 2,4 милиони евра од спорни јавни набавки. Во тие средства се вклучени околу 37.000 евра лична корист на првопријавениот. При извршување на кривичното дело перење пари, легализирале и противправна имотна корист во вкупен износ од 261.000 евра, а првоосомничениот Петрески се товари и дека побарал и примил поткуп во вкупен износ од од 12.000 евра, исплатен од две лица.