САД, Канада, Велика Британија и Јапонија ќе обезбедат 50 милијарди долари заем за Украина

Средствата во висина од 50 милијарди долари треба да се исплатат од добивката од замрзнати руски средства

Фото: Bild von Gerd Altmann auf Pixabay

САД, Канада, Велика Британија и веројатно Јапонија, ќе ги обезбедат средствата за заемот за Украина што беше договрен на Самитот на Г7 во Италија. Како што пренесува Ројтерс, италијанската премиерка Џорџија Мелони изјавила дека земјите од Европската унија засега нема да бидат директно вклучени во заемот. Средствата во висина од 50 милијарди долари треба да се исплатат од добивката од замрзнати руски средства.

„Заемот од околу 50 милијарди веќе е најавен и ќе го обезбедат САД, како и Канада, Обединетото Кралство и веројатно Јапонија, во границите на нејзините уставни ограничувања“, рече Мелони.

Речиси 260 милијарди евра руски средства се замрзнати по санкциите воведени по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Околу 190 милијарди евра од средствата се чуваат во централниот депозитар за хартии од вредност со седиште во Белгија, а Соединетите Американски Држави поседуваат околу 5 милијарди долари такви средства.

Како што претходно беше соопштено, Г7 се согласи да користи замрзнати руски средства за да собере 50 милијарди долари за Украина до крајот на 2024 година.