Реконструкција на улица ги покачи нивоата на ПМ 10 во Велес

Асфалтирање и реконструкција на патот Ресен-Охрид преку Галичица. Фото: Влада на РСМ, 24 јули 2021.

Реконструкцијата на улицата „Благој Ѓорев“ е причината за зголемените концентрации на ПМ 10 честичките кои деновиве ги покажува мерната станица на Државниот мониторинг во Велес, тврдат од општината. Од изминатата седмица до денес, според податоците од мерното место што се гледаат на веб страницата на Министерството за животна средина, вредностите на прашината се движеле помеѓу 110 и 143 микрограми на кубен метар.

Од Општината информираат дека станицата за мониторинг на воздухот се наоѓа во дворот на градинката која е лоцирана на истата улица и ги регистрира сите зголемени нивоа на ПМ 10 кои се последица на градежните активности. Оттаму посочуваат дека на изведувачот му е наложено да користи цистерна со вода за миење на околината, да ги мие гумите на камионите и градежните работи да ги изведува со внимание.

„Контроли на локацијата правиме речиси секојдневно, нашите вработени се и во моментов таму. Реконструкцијата започна на крајот на јануари, што се поклопува со почетокот на зголемените концентрации. Градежните работи ќе траат до мај, а граѓаните се информирани за тековните случувања“, информираат од Општина Велес.

Оттаму посочуваат дека во изминатите денови, откако е започната реконструкцијата на улицата не е надминат прагот на алармирање, кој е 150 mg/m3 во текот на два последователни денови и кој заедно со временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, може да значи активирање на посебни мерки, поради што засега остануваат препораките дадени на изведувачот.

Од Државниот инспекторат за животна средина посочуваат дека во редовните контроли направени во Велес во изминатиот период не било регистрирано загадување од индустриски капацитети.