Рао: Мојата цел не е создавање само свои уреди, туку и инспирација другите да го сторат истото

Фото: Магазин „ТАЈМ“

Петнаесетгодишната научничка, Гитањали Рао е избрана за Дете на годината, признание што го доделува магазинот „Тајм“. Рао е избрана меѓу 5.000 номинирани, a пред да го добие ова признание, Рао претходно во 2017 година се најде и на Форбсовата листа 30 помлади од 30, за уред за откривање на олово во вода за пиење со помош на мобилна апликација.

Нејзината последна иновација е апликацијата и Хром екстензија „Кајндли“ (Kindly) која детектира онлајн малтретирање (cyber bullying) во рана фаза. Апликацијата е заснована на технологија за вештачка интелигенција.

„Почнав да користам зборови коишто може да се сметаат за малтретирање, а потоа мојата апликација ги идентификуваше и зборовите што се слични. На пример, кога внесувате збор или фраза, апликацијата ги детектира и ви дава опција доколку сакате да го едитирате она што сте го напишале или пак, да го испратите така како што е. Целта не е да се казнува. Како тинејџер знам дека ние тинејџерите знаеме понекогаш да се бунтуваме и да избрзаме со реакција. Наместо тоа, апликацијата дава можност да го преиспитате она што го зборувате, за да знаете што да правите нареден пат“ појаснува младата научничка во интервју за магазинот.

Рао вели дека во меѓувреме прави работи како и секој 15-годишник. За себе додава дека не изгледа како типичен научник, а сè она што го гледа на ТВ е најчесто научници кои се постари бели мажи.

„Мојата цел е не само создавање на свои уреди за решавање на проблемите во светот, туку и инспирација другите да го сторат истото. Сакам да посочам дека ако можам јас да го сторам тоа, може и секој друг“

Рао исто така одржува и сесии за иновации преку кои соработува со рурални училишта, музеи од целиот свет, како и поголеми организации за младинска наука, технологија и иновации.

„Сè започна со едноставна презентација и планови за лекции, а потоа почнав да додавам лаборатории и натпревари што учениците можат да ги направат. Студентите со кои работам едноставно не знаат од каде да започнат. Мислам дека ако им се даде таа искра, тогаш тоа ќе промени сè. Тоа значи дека уште една личност на овој свет сака да излезе со идеи за решавање на проблемите. На крајот од секоја работилница, секој има нешто на што може да започне да работи. Ако можете да го направите ова за 45 минути до еден час, замислете што можете да направите ако поминете месеци и месеци работејќи на проект. Јас сум толку возбудена кога ќе добијам порака од типот: „Еј, присуствував на твојата работилница пред четири месеци и еве го мојот готов производ, тоа е чевел кој се јавува на 911“ истакнува Рао.

Младата научничка во моментов работи на изготвување лесен начин како да се детектираат био-загадувачи во водата, како што се паразитите. Рао се надева дека ова ќе биде нешто што е ефтино и прецизно, за да може да го користат и луѓето од државите од Третиот свет.