Рама во Белград пречекан со највисоки државни почести

Последен албански државник во посета на Белград пред 68 години бил Енвер Хоџа

Албанскиот премиер Еди Рама во Белград беше пречекан со највисоки државни почести. Тоа е прва посета на еден албански државник на Србија по 68 години. Претпладнево пред Палатата на Србија, Рама беше пречекан од неговиот домаќин, српскиот премиер Александар Вучиќ.

Според протоколот, беа интонирани химните на двете земји, по што Рама и Вучиќ ја почнаа својата средба во четири очи. Агендата предвидува потоа средби да имаат и делегациите на двете страни, а премиерите ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Утре албанскиот премиер од Белград ќе замине во Прешево, каде што ќе говори на митинг во Домот на културата пред локалното албанско население.

Последен албански државник во посета на Белград пред 68 години бил Енвер Хоџа, кој ја посетил Југославија.