Радикалите спречија извештајот на ЕК за Србија да биде претставен во собранието

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Србија, Мајкл Девенпорт, денеска не успеа да го претстави извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија на седницата на собранискиот одбор за европска интеграција, поради опструкциите на пратениците на десничарските партии кои се противат на влегувањето на Србија во ЕУ.

Како што јавува дописничката на „Мета“ од Белград, седницата е одложена сè додека не се создадат услови за нејзино одржување бидејќи пратениците на Српската радикална партија (СРС) на Војислав Шешељ и движењето Двери повеќе од пет часа правеле рекламација на деловникот и барале годишниот извештај за напредокот на Србија во процесот за евроинтеграција да се преведе на српски јазик.

Пратениците радикали тврделе дека и Девенпорт како гостин нема право да зборува на седницата ниту да седи на местото на престедавачот на одборот.

Лидерот на радикалите, Војислав Шешељ, изјави дека не може во Народното собрание да се разгледува никаков документ на англиски јазик, како и тоа дека Девенпорт како Британец нема морална основа ниту легитимитет да присуствува на седниците на одборот бидејќи неговата држава излезе од ЕУ.

Шешељ на паузата на седницата на одборот на мобилен телефон пуштал песна за Доналд Трамп на српски јазик и од Девенпорт го барал телефонот за да му ја испрати.