Првото издание на Tech@FEIT со фокус на криптовалутите и блокчејн технологијата

Tech@FEIT / фото: Мета.мк

Како функционира блокчејн технологијата, што се криптовалути и каде истите наоѓаат примена во општеството? Ова беа главните прашања за кои се зборуваше на денешното, прво издание на Tech@FEIT – настан кој има за цел да им ги доближи актуелните технологии на студентите.

Настанот е во организација на Факултетското студентско собрание при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФСС ФЕИТ) на УКИМ, а студентите во ограничен број можеа да го следат во амфитеатерот на ФЕИТ, но и онлајн преку платформата Зум.

Предавачи на годинешното, прво издание на Tech@FEIT беа професори од повеќе факултети на УКИМ, експерти во различни области, но и студенти, кои зборуваа за различните аспекти на блокчејн технологијата и нејзината примена во информациските технологии, математиката, правните и економските науки.

Преку предавањата на професорите Соња Геговска-Зајкова, Александар Ристески, Валентин Раковиќ, Кирил Јовановски, Ева Јованова и студентот Матеј Костоски, присутните можеа одблиску да се запознаат со функционирањето и примената на оваа технологија.

„На годинешниот Tech@FEIT студентите имаа можност да слушнат за тоа како функционира блокчејн технологијата од математички аспект, од инженерски аспект и исто така да видат како и каде истата се применува. Нашата визија кога го осмислувавме настанот со Комисијата за информациско општество при ФСС ФЕИТ беше присутните на овој настан да научат сè од самиот почеток за теоријата на броеви, до финалниот дел – како владите и економиите го прифаќаат овој систем. Целта е да се добие една целосна холистичка слика за блокчејн технологиите и нивната примена“, вели Владимир Китановски од ФСС ФЕИТ, еден од организаторите на настанот.

Настанот во живо и онлајн го следеа стотина студенти, а организаторите се надеваат дека Tech@FEIT ќе прерасне во настан кој и во наредните години ќе им ги доближува на студентите актуелните текови од областа на технологијата.

„Како студенти на ФЕИТ учиме за разни области на науката и инженерството, но не секогаш знаеме каде сите тие се применуваат. Затоа го создадовме Tech@FEIT, настан чија цел е да ги доближиме студентите поблиску до она што го учат на предавања и да дознаат како технологијата се применува во секојдневниот живот. Се надеваме дека преку овој настан ќе ги инспирираме и наредните генерации на факултетското собрание да продолжат со организирање на истиот, но се трудиме да ги инспирираме и другите студенти од УКИМ и од сите универзитети во Македонија повеќе да се ангажираат во студентските организации и студентскиот живот“, вели Андреј Котевски, член на ФСС ФЕИТ.

Tech@FEIT е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Македонската секција на институтот ИЕЕЕ, Инженерската институција на Македонија и Здружението ЕТАИ.

Денешниот Tech@FEIT е само еден од настаните кои Факултетското студентско собрание на ФЕИТ ги организира периодов. Во втората половина од мај ќе се одржи и настанот посветен на науката –  Science@FEIT.