Сајбер напади врз Фондот за здравствено осигурување, враќање на болеста конго-кримска хеморагична треска, злоупотреба на лековите за болните од рак од страна на вработените на Клиниката за онкологија, недостиг и набавка на лекот Трикафта за пациентите со цистична фиброза и недостиг и снабдување со терапија за лицата со дијабет, беа најважните здравствени настани во текот на 2023 година во Северна Македонија, пишува Порталб.мк.
2023 година во здравството започна со сајбер напади врз Фондот за здравствено осигурување кои се случија на 7 jaнуари. Системот на Фондот за здравствено осигурување ги содржи сите податоци за лицата кои имаат осигурување и ги содржи податоците за пациентите во Северна Македонија. Фондот тогаш објави дека се соочува со технички проблем, но дека немало истекување на податоците за пациентите. Нефункционалноста на Фондот предизвика и доцнење на исплатата на платите на медицинските работници, што резултираше со протест на медицинските работници. По враќањето на Фондот во функција, медицинскиот персонал протестираше за повисоки плати.
Јануари беше одбележан и со обвинителен акт од Основното јавно обвинителство против кардиохирургот Жан Митрев за кривично дело „измама“, за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години. Според објаснувањето на обвинителството, биле сокриени клучни факти и на овој начин пациентите кои се лекувале во болницата биле измамени. Целта на обвинителството е да докаже дека обвинетите во случајот Жан Митрев сакале да ги измамат пациентите за законска корист.
Оваа тужба дојде како резултат на објавувањето на истражувањето на новинарите на ИРЛ на сторијата „Валкана крв“ која покажа дека приватната болница која примила најмногу пациенти за време на пандемијата Ковид-19 и во која лекувањето чинело десетици илјади евра, го има имплементирано методот на хемофилтрација (прочистување на крвта), кој практично бил клиничка студија. Спротивно на законот, клиничките студии не се поднесени и не се одобрени од МАЛМЕД.
Друг настан што ја одбележа 2023 година беше одобрувањето на лекот Трикафтa за пациентите со цистична фиброза, за истиот да се увезе во Северна Македонија.
Одобрувањето на овој лек беше одлучено откако Здружението за цистична фиброза неколкупати протестираше и го крена гласот. Еден од пациентите со цистична фиброза, Благојче Илиевски од Битола, почина во февруари годинава, бидејќи лекот што ја лекува цистичната фиброза тогаш не им бил достапен на пациентите.
Во месец март лекот Трикафта пристигна во Северна Македонија, но поради високата цена на овој лек, беше донесена количина доволна само за 12 пациенти, иако во земјава бројот на заболени од цистична фиброза е 120.
Поради оваа причина, на 17 март беше изменет Законот за лекови и медицински помагала, со кој се овозможува директна набавка на лекови преку посебни договори меѓу државата и производителот на иновативниот лек кој го патентирал и кој нема конкуренција на пазарот. На овој начин се предвидува што побрзо и поевтино лекување на лицата со посериозни и ретки болести.
Иако ова беше позитивен развој на настаните за пациентите со цистична фиброза, лекот Трикафта не беше достапен за секого и за ова имаше реакции од самите пациенти. Меѓутоа, најгласниот пациент кој го бараше лекот „трикафта“ Меџити го нарече шоумен.
На крајот на ноември беа одобрени 100 милиони денари за лекот Tрикафта, кој во земјава пристигна на 21 декември. Во меѓувреме, неколку дена подоцна, Владата одобри 854 милиони денари за лекот Трикафта, со што на пациентите со цистична фиброза ќе им се обезбеди лекот и за 2024 и 2025 година.
Летото 2023 година беше одбележано со протести на Сојузот на здруженија на лицата со дијабет, бидејќи дијабетичарите цели 8 месеци немаа терапија, глукометри, ленти, игли и комплети за деца со дијабет. Но протестот беше прекинат откако беше ветено дека ќе има решение. Министерот за здравство на крајот на јули информираше дека се обезбедени ленти за дијабет преку склучување на договор за набавка на ленти за дијабет.
Во август Здружението на лицата со дијабет повторно излезе на протести. И покрај повиците и протестите, пациентите терапијата ја добија на крајот на годината, односно цела година беа без ленти и апарати за мерење на шеќер.
Настанот што ја одбележа оваа година е и повторното појавување по неколку децении на конго-кримската хеморагична треска, вирус кој се пренесува преку крлежи.
Во земјата имаше 3 случаи со оваа болест, првиот случај беше 27 годишна девојка од Штип која за жал почина. Потоа се зарази и медицинската сестра која ја лекувала првата пациентка, а последен случај беше 42 годишен пациент од Велес. За лекување на оваа болест во земјава е донесен лекот Рибавирин.
Еден од случаите што ја шокираше јавноста а е поврзано со здравството е пријавата дека медицинските работници на Kлиниката за онкологија ги злоупотребуваат терапите кои се за болните од рак и им ги продаваат на пациентите, иако овие терапии се покриени од Фондот за осигурување. Полицијата влезе на Клиниката и направи претрес, а во меѓувреме обвинителството започна истрага. Овој случај имаше многу реакции и од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, Премиерот Димитар Ковачевски и политичките партии.
На 4 септември граѓаните организираа протест за случајот Онкологија во Скопје, почнувајќи од Владата па се до Обвинителството, за да го изразат својот револт. Во меѓувреме министерот за здравство рече дека повторно е во употреба системот КАТО, кој ќе служи за спречување на ваквите злоупотреби.
За постапување со случајот на Онкологија во Собранието на Република Северна Македонија беше формирана истражна комисија која ги разгледа документите и сведочењата добиени од Клиниката, при што биле забележани и законски неправилности, како што е списокот на лекови за биолошка терапија и дека на Клиниката не се работело во законски рамки.
Во декември почнаа судењата за осомничените во овој случај, а на крај на декември поранешниот директор на Клиниката за онкологија и радиотерапија, д-р Нино Васев, беше ослободен од обвинението за несовесно лекување на пациенти. Покрај него, од обвиненијата беа ослободени и д-р Игор Стојковски, онколог од истата клиника и д-р Марија Симоновска.
Што се однесува до ветувањето на министерот Меџити за нов Клинички центар, ова ветување не се исполни ниту годинава, но во декември министерот Меџити најави дека изградбата на оваа клиника ќе се финансира од Обединетото Кралство, иако за оваа инвестиција е обезбеден и заем од Европската Централната банка.
Покрај овие случаи Порталб.мк известуваше и за состојбата на болниците во неколку општини во Северна Македонија, за новата болница во Кичево која не се доизгради ниту оваа година, Поликлиниката во Сарај која е готова и во која веќе се вработени 26 лица, но која до крајот на оваа година не започна со работа, и за лошите услови во болницата во Куманово.
И последна новина во здравството за 2023 година беше обезбедувањето на хеликоптер за транспорт на итните случаи.
На 28 декември Владата конечно одобри трајно вработување на 1.117 лица во јавното здравство кои досега немале договор за работа и немале поволности како работен стаж, К-15 и слично, но ова е еден од проблемите кој се реши во 2023 година.