Протест против одлуката на жирито на театарскиот фестивал во Прилеп

Ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на синоќешното затворање на истоимениот фестивал, протестираше против одлуките на жирито. Во име на актерите од ансамблот, Владимир Ѓорѓијоски кажа дека публиката заслужува многу повеќе од каприците и од личните интереси на членовите на жирито, јави „Десет без десет“.

Тој вели дека се поклонуваат на публиката како единствен меродавен оценувач, со надеж дека нештата во македонскиот театар ќе тргнат на подобро.

52. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вчера заврши во Прилеп, со мјузиклот „Тајно моја“ на Македонската опера и балет.

Наградата за животно дело на фестивалот му беше доделена на академик Митко Маџунков, кој е претседател на жирито. Членови на жирито се уште Слободан Деспотовски и Братислав Димитров.

Најмногу награди на „Војдан Чернодрински“ собра Театар „Комедија“. Претставата „Трудна приказна“ на театар „Комедија“ ја понесе наградата за најдобра претстава, а беа доделени и четири признанија – за главна женска улога, која беше доделена на директорката на театарот, Јелена Жугиќ, како и  наградите за споредна машка и женска улога и за текст.

Во седумте фестивалски дена на 52. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, публиката виде 20 претстави, промоции на театарска литература и изложби.