Прослави со пукотници што завршуваат во трагедии: зоштo се пука со оружје по свадби?

Истрелите на свадбите се црна дамка на културата на албанските семејни прослави каде гравитираат многу луѓе, мажи, жени, деца и можноста за смртни последици е многу голема, вели за Порталб.мк социологот Али Пајазити

Фото: Photo by amirali mirhashemian on Unsplash

Повреди и материјални штети – вака можеме да ги опишеме последиците кои доаѓаат како последица на пукотници на разни прослави во полошкиот регион но и пошироко, кои се случуваат главно во текот на летната сезона, пишува Порталб.мк.

Вознемирувачки податоци од тетовската полиција

Тетовската полиција информира дека на 08.08.2024 година околу 21:00 часот, во СВР-Тетово, по претходна пријава дека се слушнале истрели на семејна веселба во Тетово, на местото на настанот излегле полициски службеници од СВР Тетово.

„Во дворот на лицето В.А.(24). од Тетово, забележани се остатоци од претходно активирани пиротехнички средства, кои се фотодокументирани и изготвена е соодветна пријава за сопственикот за констатирање на прекршување на член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир“, информира Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.

Само во текот на 2023 година во Секторот за внатрешни работи Тетово се регистрирани 9 кривични дела, сите во тетовскиот регион, од кои една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Тетово, против 4 сторители за сторено 1 кривично дело „Предизвикување општа опасност“ предвидено и казниво со член 288 од Кривичниот законик.

„За останатите 8 кривични дела до Основното јавно обвинителство Тетово поднесени се 8 кривични пријави против непознати сторители, од кои две лица се повредени со по еден куршум: првиот случај е регистриран на улицата „ЈНА“ во Тетово, при што е повредена жена, додека во вториот случај во тетовско Челопек едно лице е повредено од куршум додека се движело по селскиот пат“, изјави Фатмир Реџепи.

Исто така, во овој период регистрирани се 9 прекршоци со нарушување на јавниот ред и мир со неовластено приредување огномет, од кои 3 во Тетово и 6 во Гостивар.

Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Од тетовската полиција потенцираат дека ги зајакнале контролните активности за откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир како и за спречување на можните последици во оваа насока.

Од СВР Тетово потсетуваат дека пукањето со оружје и неовластено организирање огномет се дела казниви со закон.

Што вели законот?

Во членот 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир се вели:

Со парична казна од 100 до 250 евра во денарска противвредност се казнува тој што неовластено ќе пука од огнено оружје, ќе употреби пиротехнички средства или слични експлозивни или лесно запаливи материи или слично го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните

Исто така, во зависност од последиците, истрелите од огнено оружје можат да го сочинуваат и кривичното дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 од Кривичниот законик на Република С. Македонија.

Во овој член, меѓу другото, се вели дека тој што со општо опасни дејствија или средства ќе предизвика значителен ризик по животот или телото на луѓето или имотот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

„Црна дамка во културата на прославите“, зошто се пука на свадби?

Истрелите на свадбите се црна дамка на културата на албанските семејни прослави каде гравитираат многу луѓе, мажи, жени, деца и можноста за смртни последици е многу голема, вели за Порталб.мк социологот Али Пајазити. Тој нагласува дека чувството на помешување на радоста и милитаризамот е наследство од нашето минато, од кое се уште не се откажуваме, иако последиците ги забележуваме секое лето и потоа.

Али Пајазити, фотографија од Порталб.мк

„Традиционално кај Албанците пушката се користела и како средство за забава. „Пукна пушката, и ечи револверот. Денес има радост, нема место за тага“ е класичен текст кој го илустрира овој менталитет што се коси со вредностите на времето на мирот, кога не смееме никого да растажиме“, вели Пајазити.

Тој порача дека оваа појава може да се спречи со преземање поединечни свадбени иницијативи, како на пример: Не смее да се пука на мојата свадба!“, со говори на верските лица, со медиумски кампањи за подигање на свеста, следење од институциите.

Славењето со истрели, проблем за целата држава

Оваа проблематика не го опфаќа само полошкиот регион, туку пошироко во целата држава.

На пример, оваа година, на 31 јули 2024 година, полицијата на РСМ поднесе кривична пријава против полицаец во Скопје откако пукал од пиштол на семејна свадба.

Во меѓувреме, на 28.07.2024 година, полицијата уапси лице од Кичево откако истото за време на семејна веселба испукало од огнено оружје, при што биле ранети три лица.

И во минатото имало слични случаи, на пример во август 2023 година беа уапсени двајца полицајци кои пукале со пиштол на свадба во Прилеп.

Секоја година пред почетокот на летната сезона на свадби и разни семејни веселби, надлежните апелираат да не се употреби оружје, но често овие повици паѓаат на глуви уши.

Како последица на овие пукотници, во многу делови на државата во изминатиот период се евидентирани повреди и различни материјални штети.