Прославата на Бадник во Тетовско почна во Мала Речица

Се враќа традицијата на одбележување на Бадник во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓи“ во Мала Речица. Според обичаите и црковните догми, се осветија бадниковите гранчиња, а се запали и бадниковиот оган. Беше прережан и славскиот колач.

– Ваквиот начин на празнување на Бадник е специфичен само за тетовскиот регион и првпат уште во 1912 година почнал овој празник да се чествува во манастирскиот комплекс во Мала Речица. Потоа оваа традиција почнала да се прифаќа и од другите населени места во Тетовско – изјави Миле Стефановски, претседател на црковниот одбор на храмот во Мала Речица.

За време на воениот конфликт во 2001 година, манастирскиот комплекс во Мала речица беше целосно опожарен. Пред шест години почна да се обновува. Досега е изградена црквата и неколку придружни објекти.

З.Д.