Претседател на ловечко друштво осомничен за злоупотреба

Радовишката полиција поднела кривична пријава против С.М. (59), претседател на Ловечко-риболовното друштво „Студенец“, осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, и против уште три лица од селото Конче, кои се товарат за употреба на исправа за невистинита содржина.

Како што информираат од полицијата, во периодот од 15 октомври минатата година до 1 јануари годинава, тројцата жители на Конче биле фатени во ловокрадство, за што од државниот инпекторат против нив биле поднесени три пријави.

Првоосомничениот, пак, според полицијата, со намера да ги ослободи тројцата пријавени од прекршочна одговорност, од свое име подготвил изјави во кои тврди дека им издал одобренија за лов и кои биле заведени во книгите за евиденција, откако делото се случило.