Препорачуваат вакцинирање против ковид-19, а вакцини нема

Како може да се препорачува вакцинација, а надлежните да немаат набавено вакцини? Мора да се донесе став, под кои услови и кој треба да прими нова доза, потоа, за кого таа треба да е бесплатна, а за кого не, вели проф. д-р Пановски

Фото: Архива, Мета.мк

Бројот на ковид случаи е во пораст. Иако една од главните препораки на Комисијата за заразни болести е лицата со хронични болести и лицата над 65 години да се вакцинираат против ковид-19, нема вакцини во поликлиниките при Здравствен дом Скопје.

Мета.мк се обрати до поликлиниките Букурешт во Карпош, Бит Пазар и во Чаир, каде што го добивме истиот одговор – „вакцини немаме, не можете да се вакцинирате“.

Ова се случува иако портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ пред неколку дена, по состанокот на членовите на Комисијата, изјави дека треба да се вакцинираат сите лица кои имаат над 65 години и хронични болести, оти тие се со зголемен ризик да развијат тешка форма на болеста или да имаат смртен исход.

„Засега состојбата со ковид-19 не е алармантна кај нас и нема простор за паника кај граѓаните. Треба да се почитува куќниот ред за посета на здравствените установи. Да се вакцинираат сите лица кои имаат над 65 години и хронични болести, тие се со зголемен ризик за да развијат тешка форма на болеста или да има смртен исход“, рече Мехмедовиќ.

Мета.мк поразговара и со проф. д-р Никола Пановски, кој оценува дека е апсурдно да се препорачува населението да се вакцинира, а да нема вакцини во здравствените установи.

„Вакцина треба да примат лицата над 60 години. Но, како може да се препорачува вакцинација, а надлежните да немаат набавено вакцини? Мора да се донесе став, под кои услови и кој треба да прими нова доза, потоа, за кого таа треба да е бесплатна и слично“, вели Пановски.

И во последниот Извештај на Институтот за јавно здравје, во делот „Препорачани мерки за превенција и контрола“, е наведено дека вакцинацијата е специфична превентивна мерка која обезбедува заштита од тешки форми на болест.

„Се препорачува следење на основните мерки за превенција на ковид-19 и останати
респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход (како што се повозрасните лица)“, наведено е во извештајот.

Во врска со темата за ковид која се актуелизира периодов поради порастот на нови случаи, Мета.мк се обрати и до Министерството за здравство. Прашавме, дали има PCR тестови во јавните здравствени установи, дали има доволно вакцини во јавните здравствени установи и од кои производители се тие, колку ревакцини се потребни, за да се обезбеди заштита од ковид-19, како и, колку лица се вакцинирале во последниов еден месец, Но, одговори на прашањата, дури и по неколку дена, не добивме.

Во последниот месец, јули 2024, регистрирано е десеткратно зголемување на случаите во однос на претходниот месец. За 18 дена во месец август, регистрирани се 489 заболени лица.

За само една недела, тестирани биле вкупно 608 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, при што регистрирани беа 271 нови позитивни случаи. Ова е, како што велат оттаму, зголемување од 60,4 отсто во однос на претходната недела.