Септември 2023 година да се прогласи за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци, се предлага во резолуцијата што во Сенатот на САД ја претстави републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон.
Како што објави Гласот на Америка на македонски јазик, во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.
Во неа пишува дека „од 1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија“.
„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“, се вели во резолуцијата.
Според проценките, денес околу половина милион граѓани со македонско потекло живеат во САД, а најголем дел од нив се во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк. Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија.
„Македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот – бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД“, стои во текстот на резолуцијата, пренесува Гласот на Америка.
Резолуцијата поднесена од сенаторот Брон треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Иницијативата за резолуцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Претходно, во јуни, германскиот Бундестаг усвои слична резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на земјата кон ЕУ.