Министерството за финансии го подготвило предлог-буџетот за 2018 година, а пред да го достави до Владата, првин ќе го презентира пред јавноста, на јавна расправа, која ќе се одржи в четврток, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски, по одбележувањето на Светскиот ден на штедењето, организирано од Здружението на банкарство во Стопанската комора на Република Македонија.
– Законска обврска на Владата е предлог-буџетот да го достави до Собранието до 15 ноември. Првпат досега ќе се организира јавна дебата, на која ќе ги претставиме контурите на предлог-буџетот за наредната година – изјави Тевдовски, одговорајќи на новинарски прашања.
Тој рече и дека предвидениот буџетски дефицит е 2,8 отсто од домашниот бруто-производ, што, како што рече, е за нијанса помалку од кусокот на годинашниот буџет.