Две штипски семејства останаа без своите домови откако вчера рано наутро избувнал пожар во заедничката куќа во која живееле. Огнот избил пред четири часот наутро, во неделата, на улицата Мирче Ацев, додека домашните спиеле. Ѓунеи Демиров вели дека првото нешто што го направиле кога го забележале огнот, било да го изнесат детето од запалената куќа.

– Панел-греалката се запали и додека се освестивме, пламна целата куќа. Сè изгоре, целиот мебел, алати што имав, сè изгоре. Ништо немаме – изјави Демиров.

Демирови сега се засолнати во шупата во дворот и бараат помош за животот да го почнат од нула.

– Никогаш не сум барал помош од државата, ама сега ќе морам. Како прво, немаме струја, можеме во секој момент и тука во шупата да се запалиме од свеќите. Секаква помош е добредојдена – храна, тули, градежен материјал, пари… Сè што може да се даде за да може да се згрижиме. Ние треба да почнеме од нула – вели Демиров.

Вчера горело и дел од старото нервно одделение, каде се сместени повеќе ромски семејства. Брзата интервенција на пожарникарите го спасила останатиот дел од зградата, кој е привремен дом за педесетина луѓе. Лани, во новогодишната ноќ, изгоре цела зграда во истиот комплекс. Подоцна остатоците од зградата беа урнати.

Ноќеска во пожар целосно изгоре куќа во селото Бачишта, кое се наоѓа на 15 километри од Кичево. Огнот избил околу 3.30 часот, додека семејството со четири мали деца спиело. Првичната проценка на штетата е околу 15.000 евра.