Пожар изби во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно

Ангелов информираше дека, покрај опожарениот планинарски дом, забележале скршено стакло на продавницата која се наоѓа под крстот

фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Пожар утрово изби во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно во Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, околу 7 часот и 20 минути утрово прво стигнала пријава за запалена бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште, а неколку планинари веќе дејствувале за гаснење на огнот.

Еден час подоцна, ЦУК добил пријава дека гори и домот „Даре Џамбаз“.

На пожарот интервенирале седум пожарникари од скопската Противпожарна бригада, со две возила, кои, со помош на вработени во ЈП „Паркови и зеленило“, успеале да го изгаснат пожарот.

Ангелов информираше дека, покрај опожарениот планинарски дом, забележале скршено стакло на продавницата која се наоѓа под крстот.

„Се работи за вандализам на најмалку три места. Од она што можев овде лично да го забележам е тоа дека пожарот е започнат надвор од домот од куп ѓубре или дрва коишто биле запалени. Потоа, според кажувањата на првите очевидци, пожарот се проширил врз дрвената рамка на прозорот на планинарскиот дом, од каде што влегол во внатрешноста“, изјави директорот на ЦУК.

Според Ангелов, екипи на МВР се на лице место и засилено се трага по одговор на прашањето кој го предизвикал пожарот.

Жичарницата на Водно во моментов не работи поради прекин на електрична енергија.

Првичната вест дека гори планинарскот дом „Даре Џамбаз“ е надополнета со изјавата на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.