Поради реконструкција на две сообраќајници, линиите 4А, 5, 5А и 24 од утре по нови траси

Фото: Meta.mk

Поради почеток на реконструкција на две важни сообраќајници во Скопје, од утре линиите 4А, 5, 5А и 24 ќе сообраќаат по нови траси. Измените се од времен карактер, односно по завршување на градежните работи, овие линии ќе продолжат да сообраќаат по досегашните траси, соопшти ЈСП Скопје.

Поради градежни зафати и затворање на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на потегот од кружниот тек кај Католичка црква до раскрсницата со булевар „Св.Климент Охридски“, линиите 4А, 5 и 5А, ќе сообраќаат по изменет режим.

Затворањето на улицата ќе се одвива фазно.

Во првата фаза, ќе бидат затворени само сообраќајните ленти во правец кон Ѓорче Петров.

Во таа фаза, возилата од центар, од улица „Димитрие Чуповски“, ќе вртат лево по булевар „Св.Климент Охридски“, кај Дом на печат ќе вртат десно по улица „Св.Кирилј и Методиј“, па на кружниот тек кај Католичка црква ќе продолжуваат по своите редовни траси.

При посочениот режим, како времена автобуска постојка во правец кон Ѓорче Петров, ќе се користи просторот кај металните косини на тротоарот кај АМСМ.

Во втората фаза, ќе бидат затворени сообраќајните ленти од кружниот тек кон централното градско подрачје.

Во таа фаза, возилата од кружниот тек ќе продолжуваат по улица „Св.Кирил и Методиј“, кај Дом на печат ќе вртат лево по булевар „Св. Климент Охридски“, потоа ќе продолжуваат по улица „Димитрие Чуповски“ по своите редовни траси.

При посочениот режим, како времена автобуска постојка ќе биде делот после раскрсницата со улица „Народен фронт“, односно третата канделабра после раскрсницата.

Изменетиот режим ќе важи сѐ до завршување на градежните работи на улицата која е дел од редовните траси на линиите 4А, 5 и 5А.

Измена на трасата ќе има и за линијата 24. Оваа линија од утре во реонот на Кисела Вода ќе сообраќа по изменет режим од вообичаениот, поради затворањето на улица „Димо Хаџи Димов“, од вкрстувањето со улица „Божидар Аџија“ до вкрстувањето со улица „Народни херои“, на која ќе се изведуваат градежни работи.

Во правец од Центар кон Кисела Вода, од улица „11 Октомври“ (постојка Зелен пазар) возилата ќе продолжуваат право по улица „11 Октомври“ по траса на линија 58, па по улица „Борис Трајковски“ до вкрстувањето со улица „Народни херои“, а потоа ќе вртат десно по улица „Народни херои“, па на следниот семафор ќе вртат лево и ќе продолжуваат по својата редовна траса.

Во обратен правец, од Кисела Вода кон Центар, возилата ќе сообраќаат по трасата на линија 58 сѐ до крстосницата со булевар „Кочо Рацин“, потоа ќе продолжуваат по својата редовна траса.

На изменетата траса возилата ќе ги користат постојките од линија 58.

Изменетиот режим ќе важи сѐ до завршување на градежните работи на улиците кои се дел од редовната траса на линија 24.