Поделеноста на Босна и Херцеговина се отсликува и на хуманитарно ниво. Избраните политички лидери од двaта босанскохерцеговски ентитети се најгласни кога бараат помош од државите кои им се наклонети, а тоа се одразува и во известувањето на медиумите. И додека политичарите во Република Српска ја нагласуваат и медиумски ја експонираат помошта од „пријателските“ Русија и Србија, во Федерацијата на БиХ најголем публицитет имаше помошта од Турција. Исто така, во Република Српска не е популарно да се истакнува дека се бара помош од НАТО во борбата против Ковид-19, бидејќи официјалната политика на овој ентитет се спротиставува на евроатланските интеграции. Сепак, политичките лидери во БиХ се единствени во своето разочарување во однос на одлуката на Европската Унија да ог ограничи извозот на медицинска опрема во трети земји.

„Не го кријам своето разочарување од однесувањето на ЕУ кој целиот регион, не само кон БиХ кога е во прашање оваа пандемија. Целиот регион се определил за евроатланските интеграции и во текот на тој процес морале да се откажат и од некои други партнерства, кои не биле во согласност со надворешната политика на ЕУ“, рече членот на Претседателството на БиХ од редовите на српскиот народ, Милорад Додик, по одлуката на Европската Унија за ограничување на извозот на медицинска опрема надвор од Унијата.

Оваа одлука дојде како студен туш за Босна и Херцеговина, чиишто владини претставници конечно во нешто се согласни – па макар тоа да е и во разочараноста кон ЕУ. Претседавачот на Претседателството на БиХ од делот на бошњачкиот народ, Шефик Џаферовиќ, дипломатски оцени дека оваа одлука „не и оди во прилог“ на Босна и Херцеговина.

Кога станува збор за набавка на медицинска опрема за борба против пандемијата Ковид -19, официјалната помош на Еврпската Унија (ЕУ) на Босна и Херцеговина ќе биде седум милиони евра. Според податоците на Делегацијата на ЕУ во БиХ, со таа помош ќе се овозможи набавка на 80 респиратори, 7.500 сетови за тестирање и 15.000 парчиња лична заштитна опрема за медицинските работници.

Во рамките на овој пакет на помош за итните медицински потреби на БиХ, на кантоналните болници во Сараево, Мостар и во Тузла, како и на Институтот за јавно здравство на Република Српска, кон крајот на март им беше испорачано 2.500 тестови за коронавирусот финансирани од Европската Унија, а чијашто набавка беше овозможена од страна на Развојната програма на Обединетите Нации (УНДП). Амбасадорот на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер го најави и вториот дел од пакетот помош во износ од пет милиони евра за набавување на медицинска опрема. Тој рече дека Европската Унија ја разгледува и можноста за „среднорочно прилагодување и промена на поддршкатаа на ЕУ во износ од 50 милиони евра за програмите за економски развој“.

Освен тоа, од Делегацијата на ЕУ во БиХ беше најавено и пренасочување на пари од ИПА фондовите за ублажување на социоекономските ефекти од пандемијата, од што на Босна и Херцеговина би и биле доделени 73,5 милиони евра.

И покрај одлуката на ЕУ за ограничување на извозот на медицинска опрема во трети земји, помошта во борбата против Ковид-19 од поедини земји-членки сепак се најавува или веќе пристигнува. Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Кралството Норвешка, Недим Макаревиќ во разговорот за Радиото Слободна Европа изјави дека оваа земја на Босна и Херцеговина и упатила помош во износ од 7,5 милиони круни (670.000 евра), која ќе се реализира преку УНДП. Станува збор за медицинска опрема, тестови за Ковид-19 и за респиратори. Помош во висина од 1,9 конвертибилни марки се најавува и од Чешката Република, со посредство на амбасадорката на БиХ во оваа земја, Мартина Млинаревиќ.

Поделеноста на Босна и Херцеговина се одразува и врз хуманитарната област, како и врз известувањето за неа. Така, веста за помошта на ЕУ на Босна и Херцеговина помина незабележано во медиумите на Република Српска. Затоа пак многу поголем публицитет и беше даден на помошта од Руската Федерација и од Србија. Речиси сите медиуми во РС ја објавија веста дека на 9 април на аеродромот во Бањалука слетал „првиот од трите авиони со кои беше донесена медицинска опрема од Руската Федерација за Република Српска како помош за борба против епидемијата предизвикана од коронавирусот“ (Anadolu Agency).

Руската помош на аеродромот беше пречекана од највисоките претставници на РС – членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик, претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ и премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ.

Во јавноста не беше спомнато колкава беше вредноста на помошта за Република Српска.

“Помошта пристигна со три авиони, а се состои од пет специјални возила за дезинфекција, како и испомош од 9 возачи и 15 здравствени работници кои треба да им помогнат на локалните власти во борбата против пандемијата на Ковид–19“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на БиХ.

Она што не беше објавено во медиумите е заклучокот на ентитетската Влада со кој ресорните министерства, меѓу другото, се задолжуваат да обезбедат 35.000 литри керозин за потребите на враќањето на руските авиони кој треба да биде платен од буџетот на РС. 

Голем публицитет во Република Српска доби и помошта за овој ентитет од Србија која во Бања Лука пристигна кон крајот на март. Како што наведе Српската новинска агенција „Срна“, овој контигент се состоел од пет клинички и пет транспортни респиратори, 30.000 епидемиолошки маски, 2000 заштитни одела, 200 наочари, 50.000 ракавици,како и лекови. Оваа хуманитарна помош беше проследена со политички изјави чијашто цел беше уште еднаш да се истакнат блиските односи помеѓу Република Српска и Србија.

„Не станува збор само за материјални средства кои ќе ги добиеме, а кои се многу значајни, туку и за сознанието дека Србија се грижи за Република Српска. Како што можев да заклучам од разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, според неговите зборови: Додека постои Србија ќе ја биде и Република Српска, ова сакав да им го пренесам и на сите луѓе во Република Српска“, вели Додик во изјавата за Радио Телевизија Србија.

Во Репубилка Српска помалку беше пренесувана веста за вториот контигент на српска помош кој се состоеше од 10.000 литри натриум хипохлорит, односно средство за дезинфекција.

Споредувајќи го публицитетот кој помошта од различни земји го има во двата босанскохерцеговски ентитета, слично одекна помошта на Турција на Босна и Херцеговина – во вториот нејзин ентитет – Федерацијата на БиХ. Авионот на турската војска беше пречекан од министерот за безбедност на БиХ, Фахрудин Радончиќ, а, според неговите зборови, таа се состоела од „повеќе стотици илјади парчиња ракавици, маски, специјални маски и најмалку две илјади тестови“.

„Уште еднаш му изразуваме голема благодарност на претседателот Ердоган и на сите граѓани на Турција кои денес ја искажаа својата солидарност со граѓаните на БиХ“, им изјави минатата среда Радончиќ на босанските медиуми.

Малку пред тоа, во март, Република Турција на Црвениот Крст на БиХ му додели помош во маски, ракавици, заштитни одела и наочари во вредност од 52.000 евра. Иако турската помош беше наменета за целата држава, во медиумите во Република Српска оваа вест не доби ниту приближен публицитет.

Кога станова збор, пак, за помошта на муслиманските земји на Босна и Херцеговина, исламските верски водачи во БиХ не го криеја своето разочарување.

Обединетите Арапски Емирати во екот на пандемијата на коронавирусот им упатија помош на Србија, Хрватска и на Црна Гора, но не и на Босна и Херцеговина. Поради тоа, реисот на Исламската верска заедница во Восна и Херцеговина, Хусеин Кавазовиќ им порача на граѓаните: „Потпрете се на Бога и на сопствените ресурси“ пренесува „Дојче Веле“.

Аналитичарите во истиот медиум искоментираа дека помошта од исламските земји за Босна изостана поради тоа што претседателот на Странката на демократска акција СДА, Бакир Изетбеговиќ, претходно на врзал својата политика „за турската Партија на Правдата и развојот (АКП) и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган“.

Откако Соборот на министри на БиХ и се обрати на Малезија за пружање меѓународна помош, оттаму стаса званична нота со која се потврдува помошта, а таа ќе се состои од два милиона заштитни маски. Медиумите изјавија дека и од Азербејџан била најавена, но не била конкретизирана помошта.

Дека цврстите политички ставови можат да омекнат кога се работи за повици за помош, сведочи и фактот дека Министерството за безбедност на БиХ на 2 април на центарот на НАТО му упатило официјално барање за меѓународна помош за сузбивање на коронавирусот. Членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик не стави вето на оваа одлука иако во јавноста настојува да го запази имиџот на жесток опонент на членството на Босна во НАТО сојузот.

Истовремено, Босна и Херцеговина упати барање и до Механизмот на цивилна заштита на Европската Унија за итни случаи (ERCC – Emergency Response Coordination Centre) со цел сузбивање на пандемијата со коронавирусот (Ковид-19).

Маја Бјелајац