Со транспарентот што се обиде да го постави на Камениот мост и поради кој беше приведен, активистот Павле Богоевски во придружба на Уранија Пировска излезе од полициската станица Пролет.

Насобраните граѓани со овации го пречекаа Богоевски и заедно го поставија платното на оградата на полициската станица, а на него пишува „Година по година, криминално здружение! Партијата да се одвои од гатачката! Ај, па и за апсани да си дочекате! Кога славите 10 години МВРО?“.

Богоевски рече дека приврзаници на „Шарената револуција“ денеска се обиделе да направат герила-акација и да постават платно на Камениот мост, но биле спречени од униформирани полициски службеници, како и од припадници на специјалните безбедносни сили.

– Тие, наводно, издале наредба, но ние таа наредба не ја слушнавме и мене ме приведоа. Сега се соочувам со уште еден платен налог за сторен прекршок, кој гласи „прекршок за прекршување наредба на овластено службено лице“. Не е тоа проблемот, проблемот е што ова ги покажува двојните аршини за делење правда на власта. Значи, имаме луѓе кои се обидуваат да пуштат платно од седум метри на кејот, што тие ги апсат, ги врзуваат и ги казнуваат по наредба, а од друга страна имаме извршители на сериозни кривични дела во серија и во повторување кои упорно седат на слобода и кои судовите не можат да се дрзнат да им определат притвор. Тие сторители се фамилијата што е на власт, односно Груевски и злосторничкото здружение. Од тоа нема бегање, правдата ќе мора да ги стигне – рече Богоевски.

Тој немаше забелешка за начинот на приведувањето, но има забелешка за основите на приведувањето.

За изјавата на Никола Груевски на роденденот на партијата, дека „на народот му врие“, Богоевски му посака со среќа да го води народот кој не може да трпи и на кој му врие.

– Ние секој ден на улица гледаме луѓе кои не можат да трпат и на кои им врие, но тие не можат него да го трпат и неговите криминални дејства – рече Богоевски и низ песна му порача на Груевски „Шутка не ти бега Никола“.